/ Прочитано:

1.753

Правото на почитување на приватниот и семејниот живот од ЕКЧП во контекст на правата на бегалците и мигрантите во фокусот на обуката на МЗМП

Оваа тема ја идентификувавме како неопходна особено поради засилените миграциските движења и предизвиците со кои се соочува Република Македонија. Нешто што е особено значајно за развојот на стручноста на младите правници во контекст на оваа проблематика е тоа што имаа можност да ги слушнат искуствата на предавачите од Стразбур кои имаат долгогодишна практика токму во оваа област.

Европска конвенција за човекови права

Одредени членови од Европската конвенцијата за заштита на човековите права, како што се правото на живот (чл. 2), забраната за тортура (чл. 3), правото на слобода  и безбедност (чл. 5) и правото на почитување на приватниот и семејниот живот (чл. 8), во контекст на заштита на правата на бегалците и мигрантите, се темите за кои дебатираат правници и адвокати на обуката што ја организира Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во соработка со Советот на Европа.

Обуката, односно дискусијата, која два дена се спроведува во Струмица, има едукативен карактер, а целта, како што велат од Македонското здружение на млади правници, е учесниците, односно правниците и адвокатите да се стекнат со  дополнителни знаења и вештини за да можат успешно да ги застапуваат бегалците и мигрантите кои имаат потреба од заштита на нивните права пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. 

Претседателот на МЗМП, Зоран Дранговски, вели дека Здружението, во соработка со Советот на Европа, организира ваков настан во Македонија по дванаесетти пат и дека на него присуствуваат голем број млади правници, меѓу кои и адвокати кои работат предмети во Европскиот суд за човекови права.

„Оваа година фокусот на нашата обука е значењето и примената на членот 8 – правото на почитување на приватниот и семејниот живот од Европската конвенција на човековите права во контекст на правата на бегалците и мигрантите и семејното единство, како и постапката за семејно обединување како судска практика на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Оваа тема ја идентификувавме како неопходна особено поради засилените миграциските движења и предизвиците со кои се соочува Република Македонија. Нешто што е особено значајно за развојот на стручноста на младите правници во контекст на оваа проблематика е тоа што имаа можност да ги слушнат искуствата на предавачите од Стразбур кои имаат долгогодишна практика токму во оваа област“, изјави Дранговски.

Експертите Олексиј Готсул, правник во регистарот на Европскиот суд за човекови права, Флип Шулер, адвокат за имиграциja и азил од Одборот за миграции во Европската адвокатска комора и член на работната група на мрежата „ХЕЛП“ за ЕКЧП и азил,  и Самуел Бутруш од Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци во Стразбур, низ неколку сесии и дискусии им ја пренесоа својата   експертиза на учесниците во обуката. За важноста на ваквите обуки и за резултатите кои се постигнуваат, адвокатот за имиграциja и азил од Одборот за миграции во Европската адвокатска комора, Флип Шулер, изјави: 

„Една од добрите страни на ваквите обуки е дека адвокатите и правниците, заедно со судиите, развиваат заеднички дијалог за состојбите во моментов во Македонија. Исто така, мислам дека е многу важно сите субјекти да разберат дека проблемите и предизвиците со кои се соочуваат тие се исти и во другите држави, како и дека и во македонскиот контекст постои простор за напредување и развој и за пресретнување на меѓународните стандарди во бегалското право“, рече Шулер.

Според Самуел Бутруш од Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци во Стразбур, станува збор за исклучително важна тема, за која е неопходна квалитетна размена на искуствата и практичните знаења меѓу претставниците на правната заедница, судиите и претставниците на државните органи.

„Нивото на познавање на судската пракса на Европскиот суд за човекови права ветува многу. Може да се заклучи дека постои особен интерес за случаите со опасност по националната безбедност, како и за квалитетот на процесот на одлучување во постапката за азил. Се надеваме дека размената на искуствата на оваа обука ќе им овозможи на учесниците да ја подобрат и да ја продолжат имплементацијата на праксата ЕСЧП на домашно ниво бидејќи на многу од овие проблеми може и треба да им се обрне внимание”, истакна Бутруш.

Во текот на денешниот ден, предвидено е да земат учество и практичари од различни области, кои низ панел-дискусиите ќе придонесат за уште посеопфатна едукација во оваа област. Ќе стане збор за правна забрана на враќања на бегалци и мигранти кои се под ризик од тортура и лошо постапување во врска со членовите 2 и 3 од ЕКЧП, како и за враќање на барателите на азил во трета безбедна земја, во согласност со членот 3 од ЕКЧП. Пред завршувањето на последната сесија од обуката, учесниците ќе имаат можност за ги слушнат препораките за подготовка и за поднесување на успешни апликации пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

А. Б.