/ Прочитано:

2.416

Правото на пристап до вода – основно човеково право

„Да ја вреднуваме и да ја цениме водата“

Водата е во основата на одржливиот развој и клучот за социо-економскиот развој, за здравите екосистеми и за самиот опстанок на човекот. Таа е од витално значење за намалување на глобалното оптоварување со болести и подобрување на здравјето, благосостојбата и продуктивноста на населението, велат од Институтот за јавно здравје по повод Светскиот ден на водата.

22 март, од 1993 година со одлука на ООН се одбележува како Светски ден на водата. Основниот фокус на Светскиот ден на водата е да се поддржи постигнувањето на целта за одржлив развој – вода и санитација за сите до 2030 година, а покрај тоа и да се стави особен фокус на значењето на питката (слатката) вода, да се преземат активности за справување со глобалната криза за вода и да се подигне свеста за 2,2 милијарди луѓе кои живеат без пристап до безбедна вода.

Секој е должен да се однесува внимателно и рационално да ги користи водите

„При вршење на активности кои би можеле да имаат влијание врз водите и животот и здравјето на луѓето, секој е должен да се однесува внимателно и рационално да ги користи водите, да го спречи загадувањето на водите и да избегнува други негативни ефекти и ризици за животот и здравјето на луѓето и за животната средина“, се пропишува во Законот за водите.

Снабдувањето со вода за пиење се уредува со Законот за снабдувањето со вода запиење и одведување на урбани отпадни води. Цели на овој закон се:

-достапност на доволни количества здравствено исправна и чиста вода за пиење за потребите на корисниците на услугата, согласно со барањата, стандардите и  вредностите за квалитет на водата;

– снабдување со здравствено исправна вода за пиење, а во случај на нејзина контаминираност, забрана или  ограничување на користењето;

– соодветно информирање на корисниците на услугата за квалитетот на водата за пиење и преземање мерки за обезбедување на квалитет на водата за пиење;

– соодветно пречистување на индустриски отпадни води пред нивно испуштање  во реципиентот  и

– преку одведување на урбаните отпадни води да се обезбеди заштита од негативните ефекти од нивното испуштање.

Правото на вода како основно човеково право – време за уставна заштита

Водата треба да биде и уставна категорија, сметаат дел од експертите. На еден од настаните организиран од Новинари за човекови права, насловен како „Правото на вода како основно човеково право –време за уставна заштита“, беше истакнато дека е потребно да се поттикне јавна и стручна расправа за потребата од заштита на човековото право на вода во Уставот, без дискриминирање, финансиски пристапна и здравствено исправна.

„Правото на вода како уставна категорија не е нешто недостижно. Оваа тема треба да продолжи да се развива и дека и Македонија, како земја која ги следи целите за одржлив развој, треба да го третира ова прашање и во некоја блиска иднина водата да ја стави во Уставот. Но, за да се остварат сите предуслови за тоа, треба да се работи на неколку нивоа, и тоа: да се зголеми свеста кај граѓаните за пристапот и користењето на водата; водата да се стави во институционална и законска рамка; да се зајакнат капацитетите и соработката меѓу сите инволвирани страни во проблематиката и да има континуиран мониторинг на користењето на водата“, се вели во заклучоците од Тркалезната маса.

Противуставно е да се прекине снабдувањето со вода за пиење кога корисникот не ја исполнува обврската за плаќање

Водата како добро од општ интерес за Републиката ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со закон и истата е комунална дејност од јавен интерес, посочија од Уставниот суд во донесената одлука во врска со противуставни одредби од Законот за снабдувањето со вода запиење и одведување на урбани отпадни води.

Укинатата одредба гласеше: „Давателот на услугата има право да го прекине снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбаните отпадни води, во случај кога корисникот на услугата и по претходна писмена опомена не ја исполнува обврската за плаќање на надоместокот.“

„Противуставно е да се прекине снабдувањето со вода за пиење кога корисникот не ја исполнува обврската за плаќање“, се истакнува во Одлуката на Уставниот суд.

Имено, тргнувајќи од уставната и законска квалификација на водата како добро од општ и јавен интерес, Судот утврди дека со оспорената одредба со која давателот на услугата може да го прекине снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбаните води во случај кога корисникот на услугата и по претходна писмена опомена не ја исполнува обврската за плаќање на надоместокот се повредуваат, односно се ограничуваат основните права на човекот и граѓанинот, а тоа е правото на користење на вода како основно средство за живеење, како и достоинственото остварување на правото и должноста на граѓанинот да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите. Оттука, Судот заклучи дека конкретната оспорена одредба не е во согласност со уставно загарантираните основни слободи и права на граѓанинот.

УСТАВНИОТ СУД: Противуставно е да се прекине снабдувањето со вода за пиење кога корисникот не ја исполнува обврската за плаќање

М.В