/ Прочитано:

2.425

ПРАВОТО НА СОПСТВЕНОСТ ОД АСПЕКТ НА ЕКЧП: Фундаментално право што го следеа многу историско-политички контроверзии

Вклучувањето на правото на сопственост во Европската конвенција за човекови права беше крупна тема за дебата при изготвувањето на Конвенцијата. Причината за тоа беше политичка, вели шпанскиот судија Флорентино-Грегорио Руиз Јамуза, кој денеска во Академијата за судии и јавни обвинители говореше за судската пракса на Судот во Стразбур во врска со правото на сопственост од аспект на Европската конвенција за човековите права и Протоколот 1 на оваа конвенција.

akademik foto 1

Покрај судијата Флорентино-Грегорио Руиз Јамуза, на денешниот настан говореа и д-р Рихардс Гулбис, научен советник во Одделот за граѓански предмети во Врховниот суд на Латвија, и Костадин Богданов, владин агент на РМ пред ЕСЧП. Современиот концепт на сопственост, подвлекоа говорниците, ја опфаќа материјалната и нематеријалната сопственост, недвижниот и подвижниот имот, интелектуалната сопственост, во која спаѓаат: патентите, индустрискиот дизајн, трговските марки и географските ознаки, како и имотот од аспект на владението како ситуација кога имотот е во контрола или употреба без оглед на сопственоста.

Правото на сопственост – демократска придобивка

Концептот на сопственост се развива на три различни начини: како права in rem, составени од движни и недвижни ствари; права in personam и правата кои произлегуваат од интелектуална сопственост. Според д-р Рихардс Гулбис, правото in rem, кое често се нарекува стварно право, создава обврска за секое лице да не се меша во правата на другите. Правата in personam, кои уште се нарекуваат и лични права, заштитуваат интерес само во однос на одредени поединци и тие можат да произлезат од однос помеѓу приватните лица или од однос на јавното право, како што се на пример јавните пензии. Со заштитата на овие права, подвлече Гулбис, се заштитува принципот на мирно уживање на сопственоста.

akad 2

Почитувањето на правото на сопственост подразбира и почитување на човековите права, особено во смисла на владеењето на правото и принципите на правната држава.  Оттука, правото на сопственост е акцентирано во повеќе меѓународни документи, како што се: Универзалната конвенција за човековите права, во која се определува дека секој има право да поседува имот и никој нема право произволно да биде лишен од имотот; потоа, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, во кој се пропишува дека државите секому треба да му го признаваат правото на уживање заштита на моралните и материјалните интереси што произлегуваат од секое научно, книжевно или уметничко дело чиј автор е тој, како и Повелбата за основните права на Европската Унија, во која се потенцира:

„Секој има право да ја поседува, да ја користи, да ја отуѓува и да ја остава во наследство својата законски стекната сопственост. Никој не смее да биде лишен од својата сопственост, освен кога е тоа во јавен интерес и во случаи и во услови предвидени со закон, при што подлежи на навремена исплата на правичен надоместок за загубата. Користењето на сопственоста може да биде уредено со закон доколку тоа е неопходно заради општиот интерес. Интелектуалната сопственост е заштитена.“

akad 2

Историско-политички контроверзии

Флорентино-Грегорио Руиз Јамуза, виш судија во Шпанија  вели дека Европската конвенција за човековите права била осмислена од Западна Европа како реакција на штетата нанесена врз западните нации и од западните нации за време на Втората светска војна. Создавањето на референтен документ за човекови права што утврдува минимум стандарди до кои би се придружувале сите земји членки беше една од клучните цели и Европската конвенција претставуваше остварување на таа цел.

„Европската конвенција беше направена, пред сè, за да ги заштити граѓанските и политичките права. Се сметаше дека заштитата на сопственоста игра улога за постигнување на поголема цел. Поседувањето на имот се сметаше дека е клучен елемент од политичката и социјалната слобода од Третиот рајх кој ги ослабна политичките противници преку своеволно лишување од сопственоста. Изготвувачите на Конвенцијата сакаа да спречат повторување на ваквата политичка злоупотреба. Сепак, политичкиот елемент од сопственоста е секундарен во однос на неговата економска улога“, истакнува судијата  Флорентино-Грегорио Руиз Јамуза.

Историските настани и факти говорат дека вклучувањето на правото на сопственост го следеле доста контроверзии. Руиз Јамуза вели дека државите од социјалистичкиот блок се колебале дали да ја прифатат сопственоста како основно човеково право. Тие успеале да не вклучат одредба за правото на сопственост во Конвенцијата, иако две години подоцна, во март 1952 година таа одредба беше вклучена во Протоколот на Конвенцијата.

Во таа насока, д-р Рихардс Гулбис вели дека заштитата на сопственоста од аспект на Европската конвенција за заштита на човековите права подразбира дека секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Според тие нормативни определби во Конвенцијата, вели Гулбис, никој не може да биде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и под услови предвидени со законот и со општите принципи на меѓународното право

Европска конвенција за човекови права

Сопственоста е фундаментално право

Владиниот агент Костадин Богданов вели дека правото на сопственост е многу значаен во самата Европската конвенција за човековите права и основни слободи, но и во домашното законодавство, првенствено изразено во Уставот на Република Македонија.

„Сопственоста е фундаментално право од корпусот на социо-економски права и неслучајно во таа насока првенствено се споменува во Уставот на Република Македонија. Во Уставот на Република Македонија се пропишува дека се гарантираат правото на сопственоста и правото на наследување. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата што произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден во законот“, истакнува Богданов.

Владиниот агент Богданов посочува дека досега во  судската пракса во врска со Република Македонија  има 9 пресуди во врска со повредата на членот 1 од Протоколот 1 од Европската конвенција за човекови права, која е дел од  развиената  богата и конзистентна пракса во поглед на членот 1 од Протоколот 1 на Европската конвенција за човековите права. Судот во Стразбур има решено многу од прашањата кои се однесуваа на повредата на правото сопственост.

Секое лишување од сопственоста треба да подлежи на одредени услови

Според шпанскиот судија Руиз Јамуза, членот 1 од Протоколот на Европската конвенција за човекови права е поделен во три различни правила кои се однесуваат на општиот принцип на мирно уживање на сопственоста.

„Тоа се правилата дека секое лишување од сопственоста треба да подлежи на одредени услови, но и дека државите имаат право да го контролираат користењето на сопственоста во согласност со општиот интерес, спроведувајќи такви закони што се неопходни за таа цел. Обесштетувањето за мешањето во сопственоста има два облика, и тоа: надоместок и отштета. Надоместокот е услов за лишувањето од владение, што може дури и да го направи мешањето законито кога му се дава доволен надоместок на сопственикот. Отштетата е облик на надоместок што им се дава на сопствениците кога не се почитувале условите за мешањето во сопственоста“, образложува Руиз Јамуза.

akad 2

Принципот на пропорционалност вклучува право на разумен надоместок

Во однос на одредувањето на разумен надоместок, вели Руиз Јамуза, Судот утврдува дека принципот на пропорционалност вклучува право на разумен надоместок. Според судската пракса, земањето на имот без плаќање на износот што е разумно поврзан со неговата вредност вообичаено би претставувало непропорционално мешање, кое не би можело да се смета како оправдано според членот 1 од Протоколот.

„Сепак Судот, исто така, наведува дека членот 1 не гарантира право на целосен надомест во сите околности бидејќи легитимните цели за јавниот интерес, како што се мерките за економска реформа или мерките чијашто цел е да се постигне поголема социјална правда, можат да бараат помал надоместок од вкупната пазарна вредност“, посочува судијата  Флорентино-Грегорио Руиз Јамуза.

М.В