/ Прочитано:

1.663

Правото на жалба во врска со постапката за утврдување одговорност на судија и на претседател на суд

Право на жалба до Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Република Северна Македонија против одлуката на Советот има само судијата, односно претседателот на судот за кого е поведена постапката за утврдување на одговорност, во рок од осум дена од денот на приемот на одлуката, се пропишува во членот 72 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија.

Советот за жалба е составен од девет члена, од кои тројца судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија, по еден судија од апелационите судови и двајца судии од судот од кој е судијата против кој е водена постапката. Членовите се избираат јавно, по систем на ждрепка на општа седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија, односно седница на сите судии на односниот суд, најдоцна во рок од 10 дена од денот на приемот на жалбата.

Советот за жалба, се пропишува понатаму во членот, најдоцна во рок од 30 дена од неговото формирање одлучува по жалбата, ценејќи ја законитоста на постапката. Советот за жалба може да го потврди или да го укине решението на Советот во случај на груба повреда на одредбите за постапката за одговорност на судија или претседател на суд.

Доколку Советот за жалба го укине решението, Советот ќе ја повтори постапката, задолжително почитувајќи ги напатствијата од Советот за жалба и ќе донесе одлука и јавно ќе ја објави на својата веб-страница. Против одлуката не е дозволена жалба или тужба.

Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија и судија, односно претседател на суд, учесник во постапката пред Советот не можат да бидат членови на Советот за жалба.

М.В