/ Прочитано:

9.690

Пред да се постави видеонадзор, да се побара мислење од Дирекцијата – препорачуваат од Дирекцијата за заштита на личните податоци

Секогаш кога се поставува видеонадзорот, треба да се почитува правото на приватност на вработените, клиентите, учениците, студентите, пациентите, купувачите и другите категории субјекти на лични податоци, истакнуваат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

„Во последно време, камерите и видеонадзорот станаа дел од нашиот секојдневен живот. Често пати, без да знаеме, нѐ снимаат на најразлични места – кога подигаме пари од банкомат, кога седиме во некое кафуле, кога одиме на лекар, кога одиме на училиште или факултет, кога полниме бензин на бензинска пумпа, кога влегуваме во банка, трговски центар, приватна куќа, на улици или во продавница. Камерите (вешто прикриени и дискретни) сепак собираат лични податоци за нас. Тие ги снимаат нашето лице, времето кога сме се појавиле на тоа место, возилото со кое сме дошле и дали сме сами или не“, велат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Во согласност со Законот за заштита на личните податоци, субјектот на личните податоци треба да биде информиран кога податоците се обработуваат за него. Според тоа, објектите што се под видеонадзор треба да истакнат известувања дека се под видеонадзор.

Известувањето треба да биде јасно, поставено на видливо место и истакнато на начин што ќе им овозможи на субјектите на личните податоци да се запознаат дека се врши видеонадзор.

Известувањето треба да содржи информации дека се врши видеонадзор, за тоа кој го врши видеонадзорот (називот на контролорот), начинот на кој може да се добијат информации за тоа каде и колку време се чуваат снимките од системот за видеонадзор.

Контролорот може да врши видеонадзор само на просторот кој е доволен за исполнување на целите за кои е поставен. Тоа значи дека ако се поставува видеонадзор заради заштита на сопственоста или контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории, целта ќе се постигне со поставување на камерите само на влезовите од објектот, а не и во ходниците, салите за состаноци, канцелариите, предавалните, холовите и сл.

„Секогаш кога се поставува видеонадзорот, треба да се почитува правото на приватност на вработените, клиентите, учениците, студентите, пациентите, купувачите и другите категории субјекти на лични податоци. Препорака од Дирекцијата за заштита на личните податоци е сите контролори што имаат намера да постават видеонадзор да побараат мислење од Дирекцијата дали бројот на камерите и местата каде што ќе се поставува видеонадзорот се доволни за исполнување на целта за која е поставен тој“, истакнуваат од Дирекцијата.

Снимките направени при вршење на видеонадзорот се чуваат до исполнување на целите за кои се врши, но не подолго од 30 дена, освен ако со друг закон не е предвиден подолг рок.

Контролорот може да врши видеонадзор во своите службени или деловни простории ако е тоа потребно за: заштита на животот и здравјето на луѓето, заштита на сопственоста, заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата или обезбедување контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории.

Работодавецот мора да го почитува начелото на пропорционалност во однос на целта за која се поставува видеонадзорот. Вработените имаат право да знаат каде и кога се снимани, односно контролорот задолжително треба да ги извести за вршењето на видеонадзор во службените или деловните простории. Забрането е вршење видеонадзор во гардероби, соблекувални, санитарни јазли, лифтови и други слични простории.

Правилник  за содржината и формата на актот за начинот на вршење видеонадзор

Врз основа на Законот за заштита на личните податоци, директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци донесува и Правилник  за содржината и формата на актот за начинот на вршење видеонадзор.

Со Правилникот за содржината и формата на актот за начинот на вршење видеонадзор се пропишуваат содржината и формата на актот за начинот на вршење видеонадзор.

Одредбите од овој правилник се применуваат и при обработка на личните податоци преку вршење на видеонадзор од страна на обработувачот на збирка на лични податоци.

Во врска со содржината и формата на Актот за начинот на вршење  видеонадзор, во Правилникот во врска со овој акт се пропишува дека актот треба да содржи: правен основ за неговото донесување, наслов на актот, основни одредби со опис на системот за вршење на видеонадзор, цел, односно цели на обработка на личните податоци, категории на лични податоци, давање и пренос на лични податоци обработени преку системот за вршење на видеонадзор, технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на обработката на личните податоци преку системот за вршење на видеонадзор, овластени лица за обработка на лични податоци преку системот за вршење на видеонадзор, изјава за тајност и заштита на обработката на личните податоци преку системот за вршење на видеонадзор, рок на чување на снимките од видеонадзорот, известување за вршење на видеонадзор, технички спецификации на опремата, план каде што е поставен системот за вршење на видеонадзор и преодни и завршни одредби.

M.В