/ Прочитано:

2.405

Пред Уставниот суд оспорени одредби од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам во врска со адвокатите

Адвокатот Јован Јоанидис од Скопје до Уставниот суд поднесе Инцијатива за оспорување на членовите 5, 7 и 8 од Законот за спречување перење на пари и финансирање на тероризам. Како што информираат од Уставниот суд, предметот во врска со оваа иницијатива е оформен.

Со Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам се уредуваат мерките, дејствијата и постапките кои субјектите и надлежните органи и тела ги преземаат заради откривање и спречување на перење пари, поврзани казниви дела и финансирање на тероризам, како и работењето и надлежностите на Управата за финансиско разузнавање.

Во законските одредби кои се оспорени пред Уставниот суд се пропишува дека, помеѓу другите субјекти, и адвокатите и адвокатските друштва кои вршат јавно овластување имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за откривање и спречување перење пари и финансирање на тероризам предвидени со овој закон.

Адвокатите и адвокатските друштва кои вршат јавни овластувања согласно со закон, се вели понатаму во оспорените законски одредби, се должни да ги применуваат мерките и дејствијата за спречување перење пари и финансирање на тероризам во случаите кога даваат правни услуги за нивните клиенти.

Правните услуги, како што се пропишува во законот, се: купопродажба на подвижни предмети, недвижности, содружнички удели или акции; тргување и управување со имот; отворање и располагање со банкарски сметки, сефови и други финансиски активности; основање или учество во работењето или управувањето на правни лица, трустови или правни аранжмани и застапување на клиенти во трансакции.

Обврските кои произлегуваат од овој закон не се однесуваат на адвокатите и адвокатските друштва кога вршат функција на одбрана и застапување на клиентот во судска постапка.

Во овој случај адвокатите и адвокатските друштва, на барање на Управата, во рок од седум дена треба да достават писмено образложение за причините поради кои не постапиле согласно со одредбите од овој закон.

Подносителот во иницијативата до Уставниот суд наведува дека со примена на оспорените членови се задира директно во правото на странката на бранител или полномошник во постапката, односно во неговите слободи и права бидејќи на тој начин постои страв кај секој граѓанин дека за она што го доверил на својот бранител ќе биде поведена постапка против него, во која како сведок ќе биде токму бранителот.

Во таа насока, во иницијативата се наведува дека оспорените членови се во спротивност со членот 12 од Уставот, со кој се гарантира слободата на човекот како неприкосновена. Инаку, во Законот за адвокатурата се пропишува дека правната помош на странката адвокатот ја дава совесно и стручно, согласно со закон, Кодексот на адвокатската етика и другите акти на Комората и како тајна го чува она што му го доверила странката.

Во Кодексот за етика на адвокатите се пропишува дека помеѓу адвокатот и клиентот мора да постои однос на доверба. Доверливоста, се истакнува во Кодексот, е примарно и фундаментално право и обврска на адвокатот затоа што суштината на професијата адвокат му овозможува на истиот да дознае и такви работи коишто клиентот не би ги соопштил на друг.