/ Прочитано:

2.207

Предавање на американската професорка Меклаклан за Врховниот суд на САД

Д-р Џудитен Скорфилд Меклаклан од САД одржа предавање на шестата генерација слушатели на почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители, во врска со работата на американскиот Врховен суд.

Меклаклан ќе биде вклучена во предавањата на почетната обука на Академијата на повеќе теми од компаративното право и судската практика на САД.Меклаклан е универзитетска професорка и доктор на науки по јавно право, која долго време била вклучена и во работата на Врховниот суд на САД, Комитетот за правосудство во Сенатот на САД, Министерството за правда на САД и во Белата куќа за време на администрацијата на Клинтон.

Од јануари 2017 година,  Меклаклан присуствуваше во Република Македонија како научник, настапувајќи како амбасадор на американската амбиција на добра волја преку предавање пред студентите на универзитетите низ земјата, истовремено учејќи за народот, традициите и културата. Во моментов е вонреден професор по политички науки и директор за основање на Центарот за граѓанско ангажирање на Универзитетот во Јужна Флорида, „Санкт Петербург“.

Во своето предавање пред идните судии и обвинители, МекЛлаклан детално ја презентираше структурата на Врховниот суд на САД, почнувајќи го своето излагање со историјата на оваа институција.

Во таа насока, професорката говореше за бројни прашања поврзани со работата на Врховниот суд, од неговата просторна функционалност и составот на судот, вклучително и задолжението на судската служба и техничките услови при судењата, по што го наведе нивниот формат, можноста на јавноста да ги следи и условите под кои може да се застапува предмет пред Врховниот суд на САД.

„Врховниот суд на САД годишно се среќава со речиси 10.000 предмети, а се разгледуваат во просек околу 8.200 предмети, од кои за секој предмет се издвојува по точно 1 час – по половина час за секоја од страните кои го расправаат предметот. Од оваа причина, судиите се веќе брифирани за сите фази кои предметите претходно ги имаат поминато и какви одлуки претходно се донеле  во однос на нив“, истакна професорката.

Исто така, Меклаклан го опиша и начинот на ограничување на времето на говорење, односно на говорницата пред судиите се наоѓа бело светло, кое кога ќе се активира означува дека остануваат уште 5 минути од излагањето, односно црвено светло, кое означува дека времето за говорење е завршено.

Врховниот суд има дискреционо право да одбере кои од вкупниот број предмети ќе бидат разгледувани од страна на судиите.  Предмет пред судот може да поднесе и странка која не е директно вклучена во него, а има интерес да го застапува во интерес на правдата. Аудио и видео записите во Врховниот суд се најстрого забранети, односно единствено достапни се аудиозаписите кои ги подготвува исклучиво стручната служба на судот.

Во моментов судот брои 9 судии, а за составот и бројката на судиите решава Конгресот, односно ова прашање не е уредено во Уставот на САД. Судот во моментов брои 3 судии кои се припаднички на женскиот пол, додека првата судија жена била избрана во 1981 година. Судиите може да имаат најмногу 4 стручни соработници.

Распоредот на седење на судиите, подвлече познатата американска професорка,  во судницата се врши според искуството на судијата, кој е поставен централно, додека другите судии се распределуваат последователно, во зависност од искуството.

М.В