/ Прочитано:

992

Предавање во рамките на програмата „Критичко преиспитување на правото“

Во рамките на програмата „Критичко преиспитување на правото“, на 6 јуни (среда) во Музејот на современа уметност, со почеток од 19:30 часот, Бојан Манчев ќе одржи предавање со наслов „Формата на човекот. Политичка свитливост и економија на формите на живот“, информираат од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Програмата на „Критичко преиспитување на правото“ опфаќа различни научни собири, како јавни предавања, експертски симпозиуми и работилници, а исто така предвидува и објавување на научни трудови со различно организирани методолошки и содржински пристапи кон современата критика на правото, поделени во четири дела: 1) психоанализа и право, 2) биополитика и право, 3) мултикултурализам и право, 4) авторитаризам и право.

Предавањето ќе се одржи со несебичната поддршка од страна на Музејот на современа уметност, хотелот „Парк“, Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларијата во Скопје и Младинскиот образовен форум.

Предавањето на Бојан Манчев ќе биде политичка херменевтика на класичната трагедија. Хипотезата развиена во „Логика на политичкото“ (2012) е следната: трагичниот mythos во себе пренесува моќна, антропотехничка интуиција; го содржи обидот да ја стабилизира формата на човекот или на човекот како форма. Сепак, оваа форма има парадоксален состав, претполага иманентна менливост, интимно поврзана со новиот режим на универзално посредување, што понатаму ќе стане познато како право. Така и политичката свитливост и нејзиниот telos, кои ја востануваат човечката форма или субјектот на фигуративни манипулации и регулации, се судрени со силите кои се контингентни и немаат форма, како оние на чудовиштата и боговите.

Во вториот дел од предавањето, Бојан Манчев ќе направи остро свртување кон дискусија за современата ситуација во која фигуративниот потенцијал на човечката форма се покажува во радикално, ново светло, во драматичниот амбис помеѓу фантазматскиот субјект на универзалните (човекови) права и ентропичната продукција на нови, нематеријални производи – формите на живот.
Бојан Манчев (Бугарија) предава на Новиот бугарски универзитет во Софија и на Универзитетот за уметност во Берлин. Покрај на овие универзитети, како визитинг-професор предава и на други места во Европа, Азија и Северна Америка. Заменик-претседател и бивш програмски директор е на Меѓународниот филозофски колеџ во Париз. Докторирал како студент на Жан-Лук Нанси, со кој потоа продолжил да соработува. Во последните години, неговиот творечки фокус е на политичката филозофија, онтологијата и филозофија на уметноста. Напишал 9 книги и околу 200 други текстови, како поглавја во книги, есеи, статии. Пишува на повеќе јазици, а некои од неговите последни книги се: Тело-Метаморфоза (2007), Логика на политичкото (2012), Чудо (2011), Облаци (2017) итн.
За подетален преглед на биографијата на Бојан Манчев, на следниот линк: https://boyanmanchev.net/en/biography/

М.В