/ Прочитано:

1.572

„Предизвици на судството во време на вонредна состојба“ – нова анализа на Центарот за правни истражувања и анализи

 

Центарот за правни истражувања и анализи имаше онлајн промоција на анализата „Предизвици на судството во време на вонредна состојба“. Анализата е прва од ваков вид изработена од Центарот за правни истражувања и анализи.

Поттикнати од новонастанатата ситуација, која директно влијаеше во остварувањето на загарантираните човекови слободи и права, Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) самостојно ја подготви анализата „Предизвици на судството во време на вонредна состојба“, каде што ги нотира предизвиците со кои се соочи правосудството во Република Северна Македонија за време на прогласената вонредна состојба.

Анализата e структурирана со цел да го објасни функционирањето на судството во три клучни аспекти: начин на организација, постапување по предмети и комуникација со јавноста за време на вонредна состојба.

Прогласувањето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија, за првпат од нејзиното конституирање, па до денес, предизвика и потреба од воведување на нови практики и прилагодување на постоечките процедури на работа во сите институции во државата.

Ваквата состојба директно влијаеше врз функционалноста и постапувањето на судството во остварувањето на судската заштита на граѓаните, а се покажа дека одржувањето на редовно функционирање на судството беше оневозможено поради потребата од почитување на мерките за заштита и превенција од вирусот, кои подразбираа социјално дистанцирање и со тоа делумно го ограничуваа пристапот на граѓаните до судот.

„Оттука произлезе потребата да се анализираат условите во кои функционираше судската власт за време на вонредната состојба со цел да се забележат актуелните состојби, како и да се изнајдат решенија за надминување на детектираните проблеми во однос на подобрување на процедурите, зголемена примена на дигитални алатки, како и воведување нови методи на работа“, посочуваат од ЦПИА.

Водејќи се од недостигот од предвидени нормативни правила и процедури, судовите се најдоа пред предизвикот да обезбедат ефикасна судска заштита на правата и слободите на  граѓаните.

Истражувањето дава реален приказ на состојбите и проблемите со кои се соочуваа судовите во период на прогласена вонредна состојба. Од аспект на своето функционирање, главни проблеми претставувале недостигот од јасен и прецизен нормативен акт кој ја регулира работата на судството и недоволната информатичко-технолошка опременост на судовите. Судовите во согласност со достапните можности применуваа различни начини и методи на организација како одговор на мерките за заштита од вирусот ковид-19.

И покрај тешкотиите и недостатоците со кои се соочи судството, за време на вонредната состојба во Република Северна Македонија се одржа првото онлајн судење, кое ја потврди потребата за отворање на патот кон модернизирање на судиското работење, но и подобрување на ефикасноста на судовите во Северна Македонија, не само во услови на вонредна состојба, туку и во нормални услови.

Податоците во извештајот беа собирани преку изработка и доставување на електронски прашалници до претседателите и судските администратори на сите основни и апелациони судови, до Управниот суд, Вишиот управен суд и Врховниот суд, до претседателот и генералниот секретар на Судскиот совет и до директорот на Академијата за судии и јавни обвинители.

Анализата „Предизвици на судството во време на вонредна состојба“ е подготвена од страна на Центарот за правни истражувања и анализи преку истражување кое беше спроведено во периодот април – мај 2020 година.

М.В