/ Прочитано:

1.528

Предлог-декларација за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во ЕУ и НАТО

Собраниската комисија за европски прашања до претседателот на Собранието на РМ поднесе Предлог-декларација за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во ЕУ и НАТО.

Членовите на Комисијата за европски прашања бараат од претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, Предлог-декларацијата да биде внесена во дневниот ред на посебна собраниска седница.

Во Предлог-декларацијата се истакнува дека Собранието ја потврдува својата натпартиска сплотеност за членството во ЕУ и НАТО, ја поттикнува Владата за доследно и итно спроведување на сите активности кои произлегуваат од извештајот на Европската комисија за РМ, се залага за независна судска власт, ефикасност на судството, борба против корупцијата и професионална администрација.

„Собранието на Република Македонија ја поттикнува Владата на РМ за понатамошно усогласување на законодавството на Република Македонија со законодавството на Унијата, во согласност со националната програма за усвојување на правото на Европската Унија“, се вели во Предлог-декларацијата.

Понатаму во Предлог-декларацијата се нагласува значењето на независноста на регулаторните тела, но и спроведување на реформите во областа на разузнавањето и системот на следење на комуникациите, а во насока на ефикасно владеење на правото.

Социјалната кохезија, имплементацијата на Охридскиот договор и унапредување на односите со соседните земји, исто така, се дел од областите што се акцентираат во Декларацијата и за кои Собранието ги потврдува своите заложби.

Во Предлог-декларацијата се посочува дека документот ќе биде проследен и до Европскиот парламент, Европската Унија и НАТО.

Предлог-декларација за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во ЕУ и НАТО

M.В