ПРЕДЛОГ-ИЗМЕНИ: Да се укине плаќањето на радиодифузната такса за МРТ
Според измените, наместо финансирање преку радиодифузната такса се предлага јавниот радиодифузен сервис да се финансира од Буџетот на Република Македонија, и тоа во износ од 0,5% од вредноста на Буџетот на годишно ниво.
Група пратеници од пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија до Собранието доставија Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кој предлагаат укинување на радиодифузната такса за МРТ.
Во образложението на предлог-измените се наведува дека со финансирањето на јавниот сервис преку наплатата на радиодифузната такса наместо да се подобрува јавниот сервис и да биде поприфатлив за граѓаните, тој постојано се менува на штета на корисниците.
„Листата на плаќачи беше проширена со воведување нова категорија на обврзници за плаќање на радиодифузна такса, а тоа се трговците поединци, како и други вршители на дејност со помалку од 20 вработени. Радиодифузната такса беше зголемена од 130 на 190 денари. А најпогодени беа граѓаните кога законодавецот предвиде оваа такса да ја наплаќа Управата за јавни приходи, поради што граѓаните имаат блокирани сметки и, за жал, во голем број случаи, тоа е неосновано поради неажурното функционирање на јавниот сервис“, се наведува во образложението на Предлогот.
Според измените, наместо финансирање преку радиодифузната такса се предлага јавниот радиодифузен сервис да се финансира од Буџетот на Република Македонија, и тоа во износ од 0,5% од вредноста на Буџетот на годишно ниво.
„Освен овие буџетски средства, како основен извор за финансирање, МРТ може да остварува приходи од кабелските оператори и од приходи остварени со продажбата на програма произведена во МРТ. На тој начин МРТ ќе се оспособи да продуцира програма со користење на сопствените технички и кадровски потенцијали за свои потреби или ќе ја продава на останатите комерцијални радиодифузери“, стои во образложението.
За спроведување на предложеното изменување на Законот е потребно да се одвојат 885 милиони денари на годишно ниво од Буџетот на Република Македонија за 2016 година, односно 0,5% од вредноста на Буџетот на годишно ниво.