Предлог-одлуката за избор на Насер Зибери за нов народен правобранител на собраниска седница
На дневен ред на денешната собраниска седница е предлог-одлуката за избор на народен правобранител. Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за нов народен правобранител го предлага Насер Зибери.
Во биографијата на Насер Зибери е наведено дека завршил Правен факултет на Универзитетот во Приштина и има положено правосуден и нотарски испит. Работел како новинар, бил пратеник и министер за труд и социјална политика и потпретседател на Владата. Бил член на експертската група за Охридскиот рамковен договор. Од 2004 година до денес работи како нотар.
Според прописите, народниот правобранител се избира за време од осум години, со право на уште еден избор. Народниот правобранител, се пропишува во Уставот, ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања.
Народниот правобранител е орган на Република Македонија кој ги штити уставните и законските права на граѓаните и на сите други лица кога им се повредени со акти, дејствија и пропуштања на дејствија од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања и кој презема дејствија и мерки за заштита на начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавните установи и служби.
Народниот правобранител е независен и самостоен во вршењето на функцијата. Народниот правобранител работите од својата надлежност ги врши врз основа и во рамките на Уставот, законот и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Народниот правобранител Иџет Мемети – член на Советот на јавните обвинители
М.В