/ Прочитано:

1.613

Предлог-политики за развој на еколошкото истражувачко новинарство

Граѓаните имаат право да бидат што подобро информирани за состојбите што директно и индиректно влијаат врз нивното здравје, нивната лична безбедност, безбедноста на нивниот имот, квалитетот на воздухот, водата и почвата, потоа за факторите што доведуваат до подобрување или влошување на овие состојби, како и за одговорностите на различни институции за регулирање на тие фактори.

Зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за развој на истражувачкото еколошко новинарство, воведување иновативни алатки за граѓанско новинарство, вмрежување, размена на релевантни информации и креирање услови за финансиска поддршка се главните цели на проектот „Развој на еколошко истражувачко новинарство“, кој заеднички го спроведуваат „Флорозон“ – Центар за еколошка демократија и Здружението за развој на ромската заедница „СИМУНАЛ“.

На денешната завршна конференција беше истакнато значењето на информирањето на јавноста за состојбите со животната средина, што впрочем треба да претставува приоритет во политиките на едно демократско општество.

„Правото на здрава животна средина е загарантирано со Уставот на Република Македонија. Во член 43 се вели дека секој има право на здрава животна средина, секој е должен да ја унапредува и да ја штити животната средина, а државата обезбедува услови за остварување на ова право на граѓаните. Во рамките на остварувањето на јавниот интерес, медиумите се должни да ги информираат граѓаните за степенот во кој државата ги штити нивните уставно загарантирани права, вклучително и правото на здрава животна средина. Граѓаните имаат право да бидат што подобро информирани за состојбите што директно и индиректно влијаат врз нивното здравје, нивната лична безбедност, безбедноста на нивниот имот, квалитетот на воздухот, водата и почвата, потоа за факторите што доведуваат до подобрување или влошување на овие состојби, како и за одговорностите на различни институции за регулирање на тие фактори“, потенцираше Кирил Ристовски, проект-менаџер во НВО „Флорозон“ – Центар за еколошка демократија.

Ристовски нагласи дека следењето на состојбите и мислењата искажани во дебатите во рамките на овој проект покажа дека известувањето за состојбите во животната средина е многу почесто реактивно отколку проактивно. Појаснува дека поинтензивно известување има откако ќе се случи одредено драстично нарушување, односно деградирање на животната средина, откако ќе настане хаварија или, пак, во зимскиот период кога загадувањето на воздухот е најголемо.

„Мониторингот спроведен за потребите на проектот покажа дека содржините кои се однесуваат на заштитата на животната средина зафаќаат меѓу 0,5 и 3 отсто од вкупните содржини во медиумите, пресметано како процент од просторот во печатените медиуми и времето во електронските медиуми. Констатиравме дека медиумите имаат човечки капацитети за сеопфатно известување за состојбите со животната средина, но недостасуваат повеќе време и простор за покривање на овие теми поради фокусираноста на уредувачката политика на други области од општественото живеење, при што неправедно се запоставува оваа област која е од врвно значење и е приоритет во светот.“

Невладините организации што го спроведуваат проектот, кој пак е финансиран од страна на Европската Унија, предлагаат да се воведат регулативи и политики што ќе овозможат поголема застапеност на темите од областа на животната средина, нагласувајќи дека тоа ќе придонесе за повисок квалитет во известувањето и подобра информираност на граѓаните за нивното уставно загарантирано право.

„Ѝ препорачуваме на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во рамките на своите законски надлежности, да ги испита можностите за поттикнување на радиодифузерите да емитуваат повеќе содржини од областа на животната средина, секако во насока на заштита на интересите на граѓаните да бидат информирани за случувањата и ситуацијата во оваа област и во насока на правото на граѓаните на здрава животна средина, што е во согласност со Уставот на Република Македонија. Една од препораките се однесува и директно до Владата, а која гласи: Владата да ги вметне информирањето и едукацијата од областа на животната средина, како дополнителен критериум за доделување на средства, како надомест за производство на домашна програма.

Јаромир Левичек, претставник на делегацијата на Европската Унија во нашата земја, потенцираше дека предизвиците од областа на животната средина во Македонија се огромни, поради што соработката меѓу ЕУ и невладиниот сектор, во насока на финансирање проекти од оваа област, ќе продолжи и во иднина.

„ЕУ во текот на изминатите години даде голема поддршка во реализирање на програми за заштита на животната средина. Нема да биде доволно доколку сите заинтересирани страни не се заедно во оваа активност, односно државните институции и невладините организации. Ја цениме улогата на НВО и медиумите во свесноста за овие теми. Зајакнувањето на капацитетите на НВО е токму целта на овој проект“, нагласи Левичек.

А. Б.