/ Прочитано:

1.537

Предлог за дополнување на Законот за јавните патишта: Рехабилитацијата на патиштата уништени од поплавите да ги врши Јавното претпријатие за државни патишта

Со предлогот за дополнување на овој член, според предлагачот, ќе се овозможи во случај на елементарна непогода и други несреќи, за кои е донесена одлука за постоење на кризна состојба од страна на Владата на Република Македонија, работите за рехабилитација и реконструкција на општинските патишта и улици да може да ги врши и Јавното претпријатие.

Скопската обиколница после поплавата

Владата на РМ поднесе Предлог-закон за дополнување на Законот за јавните патишта до Собранието на РМ. Според Владата, потребата од измена на Законот се појавила како последица на елементарната непогода, односно поплавите во Скопскиот Регион кои предизвикаа оштетување на Скопската обиколница, но и на локалните патишта во погодените подрачја.

„Поради елементарните непогоди кои се појавија во Скопскиот Регион, како и прогласената кризна состојба од страна на Владата на Република Македонија, со цел давање на надлежност на Јавното претпријатие за државни патишта за реконструкција и рехабилитација на општински патишта и улици, се предлага дополнување на Законот за јавните патишта“, се наведува во образложението на Предлог-законот.

Во предлогот на  членот 14 од Законот за јавните патишта по ставот 4 се додаваат два нови става, 5 и 6, кои гласат:

(5) По исклучок од ставот (4) на овој член, во случај на елементарна непогода и други несреќи, за кои е донесена одлука за постоење на кризна состојба од страна на Владата на Република Македонија, работите за рехабилитација и реконструкција на општинските патишта и улици може да ги врши и Јавното претпријатие.

(6) За утврдување на општинските патишта и улици од ставот (5) на овој член, Владата на Република Македонија донесува одлука.

Членот 14 во Законот се однесува на управувањето со јавните патишта.

Член 14

(1) За вршење на работите од јавен интерес од членот 5 од овој закон и за управување со државните патишта Владата на Република Македонија основа Јавно претпријатие.

(2) За извршување на работите од јавен интерес од ставот (1) на овој член Владата на Република Македонија донесува петгодишна програма на предлог на Јавното претпријатие со која се определува развојот и одржувањето на државните патишта која е во согласност со стратегијата од членот 13 став (1) од овој закон.

(3) Целите и задачите од петгодишната програма се спроведуваат со годишна програма за изградба, реконструкција, рехабилитацијата, одржување и заштита на државните патишта донесена од Јавното претпријатие од ставот (1) на овој член (во натамошниот текст: Јавното претпријатие).

(4) Работите на изградбата, реконструкцијата, рехабилитацијата, одржувањето и заштитата на општинските патишта ги вршат општините, односно градот Скопје.

Со предлогот за дополнување на овој член, според предлагачот, ќе се овозможи во случај на елементарна непогода и други несреќи, за кои е донесена одлука за постоење на кризна состојба од страна на Владата на Република Македонија, работите за рехабилитација и реконструкција на општинските патишта и улици да може да ги врши и Јавното претпријатие.

Предложените измени ќе придонесат за побрзо, поефикасно и поедноставно отстранување на последици настанати од елементарни непогоди. Предлог-законот е предвидено да се донесе по скратена постапка.