/ Прочитано:

1.752

ПРЕДЛОГ ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ПОМИЛУВАЊЕ: Претседателот да не помилува за незаконско прислушување и злосторничко здружување

СДСМ предлага дополнување на Законот за помилување со кое повторно ќе се ограничи правото на Претседателот на РМ за помилување на делата против изборите и гласањето, половата слобода и половиот морал, тероризам, односно оние измени кои со одлука на Уставниот суд беа прогласени за неуставни. Понатаму, Предлогот предвидува Претседателот да може да помилува едно лице за само едно кривично дело во период од 20 години.

akad 4

Со само еден член како дополнување на членот 1 од Законот за помилување од 1993 година и по скратена постапка, пратеничката група на СДСМ го достави Предлог-законот за дополнување на Законот за помилување.

Во дополнетиот член 1-а, кој го предлага СДСМ, е наведено дека Претседателот на Република Македонија во актот на помилување мора да го наведе делото за кое се помилува едно лице.

„Актот на помилување не смее да се однесува на кривично дело неовластено прислушување и тонско снимање од член 151, кривични дела против изборите и гласањето од Глава шеснаесетта од Кривичниот законик, кривични дела против половата слобода и половиот морал од Глава деветнаесетта од Кривичниот законик сторени спрема деца и малолетни лица; кривични дела против здравјето на луѓето од Глава дваесет и прва: кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215, , кривично дело овозможување на употреба на наркотични дроги од член 216, кривично дело злоупотреба на службена должност и овластување од член 353; кривично дело злосторничко здружување од член 394; кривични дела поврзани со тероризам од членовите 394-а, 394-б и 394-в и за кривични дела против човечноста и меѓународното право од Глава триесет и четврта од Кривичниот законик“, стои во дополнетиот член.

Понатаму, во Предлогот се наведува дека едно лице не може да биде помилувано за повеќе од едно кривично дело во период од 20 години.

Целта на овој Предлог-закон е пополнување на правната празнина која се создаде со укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година и превенирање на кривичните дела кои претставуваат особена општествена опасност во светот и во Република Македонија, се наведува во Предлогот.

„Преку допрецизирање на условите и начинот на давање помилување ќе се обезбеди зајакнување на гаранциите дека овој институт нема да биде основа за злоупотреба на ова дискреционо право на Претседателот и ќе се оневозможи едно лице, кое сторило повеќе различни кривични дела, да биде помилувано за повеќе од едно конкретно наведено дело.  Додека, пак, сторителите на конкретни потешки кривични дела нема да можат да бидат ослободени од кривичната одговорност врз основа на помилување“, стои во Предлогот.

М.С.