/ Прочитано:

1.215

Предлог-закон за дополнување на Законот за матичната евиденција (второ читање)

Четврток, 10 јануари 2013 – Предлог-законот за дополнување на Законот за матичната евиденција чиј предлагач е министерот за правда е на второ читање на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.  Целта на законското решение е обезбедување сигурни и точни податоци за идентификација на родителите на детето чии податоци се запишуваат во матичната книга на родените, а во функција на доследна имплементација на одредбите од наведениот закон што се однесуваат на електронско водење на матичните книги од страна на Управата за водење на матични книги, како орган во состав на Министерството за правда.  

Објаснување на содржината на одредбите од Предлог-законот

Со Законот за матичната евиденција (,,Службен весник на Република Македонија” бр. бр.8/95, 38/02, 66/07, 98/08, 67/09), нормaтивно-правно се уредува водењето на основните лични податоци за граѓаните во матичната книга на родените, матичната книга на венчаните и матичната книга на умрените, запишувањето на податоците во матичните книги, водењето на матичните книги од страна на Управата за водење на матичните книги – како орган во состав на Министерството за правда, како и прекршочните санкции односно прекршочната постапка предвидена за непочитување на одредбите на предметниот закон.

Содржински, Законот за матичната евиденција е поделен во VII глави: општи одредби, матична книга на родените, матична книга на венчаните, матична книга на умрените, заеднички одредби, прекршочни одредби и преодни и завршни одредби.

– Имајќи ја предвид обврската предвидена во членот 3 став 3 од наведениот закон, матичните книги да се водат рачно и во електронска форма, се наметна потребата од преиспитување на податоците содржани овие книги, особено од аспект на обезбедување на сигурност и точност на податоците што се запишуваат во матичната книга на родените, со што ќе се овозможи точна идентификација на родителите на лицето за кое се запишуваат податоци во матичната книга на родените, се наведува во Предлог-законот.

Согласно постојното законско решение, во матичната книга на родените се запишуваат:

1) податоци за раѓањето на детето, и тоа:име и презиме; пол на детето; час, ден, месец, година и место на рaѓањето на детето; државјанството и матичен број;

2) податоци за родителите на детето, и тоа: име и презиме (за мајката и моминското презиме); ден, месец, година и место на раѓањето; националност; државјанство; живеалиште и адреса на станот;

3) признавање на татковство, утврдување на татковство или мајчинство; позаконување; посвојување и престанок на посвојувањето; старателство и престанок на старателството; склучување, престанување или поништување на бракот; промена на личното име на родителот, односно посвоителот; промена на државјанството на детето; смрт или прогласување на исчезнато лице за умрено.

Со цел успешна практична имплементација на постојното законско решение од една страна, како и исполнување на обврската за воспоставување на електронска матична евиденција од страна на Управата за водење на матични книги од друга страна, се наметнува потребата од обезбедување своевидна гаранција на точноста на податоците што се однесуваат на родителите на лицето за кое се запишуваат податоци во матичната книга на родените, со што би се оневозможиле евентуални грешки и недоследности кои можат да произлезат во праксата заради отсуството на податокот за матичен број на родителите на детето чиј извод од матична книга на родени се издава.

  • Со членот 1 од предложениот закон, се врши дополнување на членот 4 точка 2 од Законот за матичната евиденција, во кој се содржани податоците за родителите на детето и тоа со дополнување на податокот за матичен број на родителите, како еден вид гаранција за точна и целосна идентификација на родителите на лицето кое се запишува во матичната книга на родените, што паралелно ќе обезбеди и практична имплементација на одредбата за електронско водење на матичната евиденција и интероперабилност.
  • Членот 2 од предложениот закон, го предвидува влегувањето во сила на овој закон и тоа осмиот ден од денот на објавувањето во ,,Службен весник на Република Македонија“.