/ Прочитано:

1.410

Предлог-закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза

Владата во Собранието поднесе Предлог-закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, по скратена постапка.

„Со донесување на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, заради исплата на платите за месеците април, мај и јуни 2020 година од страна на Владата на Република Северна Македонија се обезбеди финансиска поддршка за исплата на платите на работниците кај работодавачот барател на финансиска поддршка за месеците април, мај и јуни 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, согласно со работното време на кое е пријавен работникот, намалено за работното време за кое работникот остварува надоместок на плата кој не паѓа на товар на работодавачот.

За да се обезбеди понатамошна поддршка на работодавачите во справувањето со последиците од коронавирусот се предлага мерката за  финансиска поддршка за исплата на плати да продолжи да важи и за последниот квартал од годината, односно и за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.

Од наведените причини произлегува потребата од донесување на Закон за  финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година“, се вели во законското образложение.

М.В