Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност (прво читање)
Среда, 24 октомври 2012 – Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е на прво читање на Законодавно-правната комисија. Целта на законското решение е донесување на одредба со јасно утврдени критериуми врз основа на кои даночниот обврзник може да утврди дали може да примени ослободување на својот промет во рамки на извршувањето на културна дејност, кога таа претставува активност што е од национален интерес, но и усогласување на Законот за данок на додадена вредност со одредбите од Царинскиот закон кои се однесуваат на ослободувања при увоз на добра.
Со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност чиј предлагач е Владата на РМ се предлагаат измени и дополнување со кои се предлага од данок на додадена вредност да биде ослободен прометот од установите што вршат дејност од областа на културата со непрофитна цел за културните услуги и добра непосредно поврзани со тие услуги во согласност со прописите од областа на културата и прометот од ботанички градини, животински паркови, паркови, архиви и документациони центри, како и влезници за јавни настани кои се од национален интерес од областа на културата, а кои јавни настани како такви се утврдени и се финансираат преку Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за годината во која се одржува јавниот настан донесена од Министерство за култура. За примена на ослободувањето даночниот обврзник потребно е пред да започне со прометот на влезниците да обезбеди документ од Министерство за култура со кој се потврдува дека јавниот настан за кој се бара даночно ослободување е утврден во Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата.
- За остварување на наведена цел се предлага точката 8 од членот 23 на Законот да се замени со одредба со која се пропишува ослободување од данок на додадена вредност на прометот од установите што вршат дејност од областа на културата со непрофитна цел за културните услуги и добра непосредно поврзани со тие услуги во согласност со прописите од областа на културата и прометот од ботанички градини, животински паркови, паркови, архиви и документациони центри. Исто така, се предлага во членот 23 да се додаде нова точка 8-а со која ќе се пропише ослободување од данок на додадена вредност на прометот на влезници за јавни настани кои се од национален интерес од областа на културата, а кои јавни настани како такви се утврдени и се финансираат преку Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за годината во која се одржува јавниот настан донесена од Министерство за култура. За примена на ослободувањето потребно е даночниот обврзник пред да започне со прометот на влезниците да обезбеди документ од Министерство за култура со кој се потврдува дека јавниот настан за кој се бара даночно ослободување е утврден во Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата.
- Измените и дополнувањата се во насока да се ослободат при увоз од плаќање на данок на додадена вредност државјани на Република Македонија и странски државјани, за предмети од некомерцијална природа со мала вредност испратени од странство од физички лица. Ова ослободување не се однесува на тутун и производи од тутун, алкохол и алкохолни пијалаци како и на парфеми и тоалетни води, како и ослободување од данок на додадена вредност при увозот на пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата чија вкупна вредност по пратка не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност. Ова ослободување исто така не се однесува на тутун и производи од тутун, алкохол и алкохолни пијалаци како и на парфеми и тоалетни води.
- Ваквите мерки се во функција на зголемување на квалитетот на информатичката технологијата и информатичкото образование, поголема достапност на истите до консументите, како и овозможување на поголемо користење на сончевата енергија како алтернативен извор на енергија со што директно ќе се влијае на намалување на потрошувачката на електричната и на другите извори на енергија, како и врз заштитата на животната средина.