/ Прочитано:

2.647

Предлог-законот за 500 метри оддалеченост на обложувалниците од училишта во собраниска процедура

Измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, чии предлагач е Владата, се во собраниска процедура.

Со цел заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст, се вели во законското образложение, се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основни и средни училишта.

Ова од причини што учеството во игрите на среќа во суштина претставува влегување во облигационен однос помеѓу учесникот и приредувачот на играта, а земајќи ја предвид деловната неспособност на малолетниците, односно нивната ограничена деловна способност за учество во правниот промет, како и во насока на обезбедување на заштита на малолетниците од штетните последици кои можат да ги предизвикаат игрите на среќа и правилно насочување на нивниот развој, се наметнува потребата од воведување оддалеченост на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта на не помалку од 500 метри од овие објекти.

Постојниот закон за игрите на среќа и за забавните игри уредува дека со една лиценца за приредување на игри на среќа во обложувалница приредувачот може да отвори неограничен број на уплатно-исплатни места, а со една лиценца за приредување на игри на среќа во автомат-клуб, исто така, се отвораат неограничен број на деловни простории.

Со цел да се намали неограниченото отворање на уплатно-исплатните места кај обложувалниците, односно на деловните простории кај автомат клубовите, а со тоа и да се оневозможи лесниот пристап на населението до игрите на среќа, се предлага воведување на ограничување на бројот на уплатно-исплатни места на обложувалниците, како и ограничување на бројот на деловните простории на автомат-клубовите што се отвораат со една издадена лиценца.

Со оглед на утврдената потреба од посеопфатно, поконкретно и појасно регулирање на состојбите и односите во областа на игрите на среќа и забавните игри во Република Северна Македонија, се наметна потребата од изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри се заснова врз истите начела врз кои се заснова и постојниот закон.

Основни решенија на предложениот закон се:

  • деловните простории во кои се приредуваат посебните игри на среќа, томболата од затворен тип и електронските игри на среќа треба да се наоѓаат на оддалеченост не помалку од 500 метри од основни и средни училишта;
  • начинот на мерење на оддалеченоста ќе се утврди со правилник пропишан од министерот за финансии;
  • се воведува надзорен информациски систем за приредувачот на електронските игри на среќа;
  • се зголемува месечниот надоместок за електронските игри на среќа;
  • електронските игри на среќа ќе можат да се приредуваат во сопствени простории и во простории каде што се приредуваат посебните игри на среќа;
  • се воведува нов начин на пресметка и плаќање на посебната давачка кај приредувачите на посебните игри на среќа (казина, обложувалници и автомат-клубови);
  • се зголемува надоместокот за издавање на лиценца за обложувалница од 105.000 евра на 200.000 евра, се ограничува бројот на уплатно-исплатни места на 25 со една издадена лиценца. За секое следно уплатно-исплатно место над 25-тото, приредувачот ќe плаќа надоместок во износ од 6.000 евра;
  • се зголемува надоместокот за издавање на лиценца за автомат-клуб од 78.750 евра на 100.000 евра. Лиценцата за приредување игри на среќа во автомат-клуб се однесува за три деловни простории.

Асоцијацијата на спортски обложувалници реагира на најавените измени на Законот за игрите на среќа

АСОМ: Уредбата за онлајн обложување треба да се преточи во трајно законско решение

Законски измени за оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од училиштата

М.В