/ Прочитано:

3.638

Предлог-законот за амнестија во собраниска процедура

Предлог-законот за амнестија е поднесен во собраниска процедура. Донесувањето на законот, се вели во законското образложение, има за цел да се овозможи процесот на ресоцијализација и социјална реадаптација на осудените лица.

„Правото на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела е познат во правните системи, како овластување на државата под услови пропишани со закон, против сторители на кривични дела да не се покренува казнено гонење или на веќе осудените лица казната да им биде простена или ублажена. Институтот амнестија наоѓа смисла во неприкосновеното право на казнување на државата, од каде што произлегува и правото на простување на сторителот на казненото дело. Казната претставува справедлива одмазда за извршеното дело, додека амнестијата претставува простување, израз на добра волја и милост кон осудените лица да се помогне  во процесот на нивната ресоцијализација. Овој институт постои и се применува во многу европски држави“, се вели во законското образложение.

Во Република Македонија од моментот на нејзиното осамостојување, донесени се повеќе закони за амнестијата во 1991, 1999, 2002 и 2003 година (ревидиран во 2004 година).

Имајќи предвид дека целта на казнувањето не се состои само во одмаздата-казнувањето на сторителот за стореното дело, се посочува во образложението, туку примарната цел е ресоцијализација на сторителите во иднина тие да не се јавуваат како сторители на кривични дела, се оцени дека е неопходно донесувањето на еден ваков закон чие донесување ќе кореспондира со започнување на примената на пробацијата.

„Министерството за правда при подготвувањето на овој предлог-закон ги имаше предвид условите во казнено-поправните установи како институции кои треба да овозможат и обезбедат успешна ресоцијализација на осуденичката популација и кои неоспорно се пренатрупани, условите за престој се многу ниски, оценети од меѓународните организации како нехумани, опасноста од криминална инфекција во казнено-поправните установи е реална поради што се оцени дека е неопходно донесување на еден ваков закон со кој група лица осудени на казна затвор до 6 месеци – лесни кривични дела ќе се ослободат од издржување на казната затвор. За преостанатата затворска популација е предвидено намалување на вкупната казна за 30% освен за делата кои со Предлог- законот се изземени од амнестија. Истовремено ќе се започне и со пробацијата и на овој начин ќе се создадат услови за успешна ресоцијализација на осуденичката популација“, се истакнува во образложението.

Статистичките показатели, се додава во образложението, покажуваат дека ќе бидат ослободени од издржување на казната затвор приближно 670 правосилно казнено-осудени лица на затвор до 6 месеци, а на 3 097 лица ќе им биде намалена казната за 30%. На овој начин, ќе се оствари и заштеда на буџетски средства кои би се искористиле за подобрување на  условите во казнено-поправните домови.

„Напомнуваме дека со предложениот текст на закон не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство од член 123 од Кривичниот законик, кривични дела против избори и гласање (член 158-165-в) од Кривичниот законик, за кривични дела против половата слобода и половиот морал и тоа: член 186, член 187, член 188, член 189, член 191, член 193, член 193-а, член 193-б и член 194 од Кривичниот законик, за кривични дела против државата (член 305-327) од Кривичниот законик, за кривични дела против јавниот ред (член 394-а – 394-г) од Кривичниот законик и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право  (член 403-418-а, 418-в до 422)  од Кривичниот законик“, се посочува во законското образложение.

Законот за амнестија ќе се носи по редовна постапка и ќе се дебатира на јавни расправи

М.В