/Прочитано:

871

Предлог-законот за бесплатна правна помош и Предлог-законот за електронско управување влегуваат во собраниска процедура

Владата на РМ го разгледа и го утврди Предлог-законот за бесплатна правна помош, со одлука да биде доставен до Собранието на Република Македонија на усвојување. Со овој закон, посочуваат од Владата, се уредуваат општите правила за обезбедување на бесплатната правна помош, а негова цел е да се овозможи и да се унапреди правото на физичките лица на пристап до правдата и правичната судска заштита преку обезбедување финансиска поддршка од страна на државата.

Новиот Закон за бесплатна правна помош беше најавен во месец октомври минатата година. Од Министерството истакнаа дека една од причините за донесување на новиот Закон за бесплатната правна помош е недоволната достапност на правната помош за најранливите категории, а целите на законското решение се: проширување на опсегот на корисници на бесплатна правна помош; јакнење на капацитетите на подрачните одделенија на Министерството за правда; оптимизација на адвокатските трошоци за бесплатна правна помош, проширување на трошоците поврзани со бесплатна правна помош и надзор врз квалитетот на работата на бесплатната правна помош.

Во Стратегијата за реформи во правосудството се истакнува дека определбата на Република Македонија да стане полноправна членка на ЕУ ја наметнува обврската да се регулира системот на правната помош во согласност со правната рамка и со стандардите на ЕУ во оваа сфера.

„Законот за бесплатна правна помош е донесен во 2009 година, а со примена започна во 2010 година, при што се забележани три основни проблеми: 1) недоволна достапност за најранливите категории, вклучувајќи ги и децата во ризик (поради лошото спроведување); 2) рестриктивни критериуми за утврдување на квалификувани страни кои може да даваат правна помош; 3) енормно високи трошоци исплатени на само 39 од вкупно 329 регистрирани адвокати кои даваат правна помош“, се вели во Стратегијата.

Еден месец по објавувањето на Предлог-законот, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, како дел од мрежата за Пристап до правда во Република Македонија, предводена од Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, изготви коментари на новиот Предлог-закон за бесплатна правна помош.

„Покрај тоа што овој Предлог-закон е подобар од постојниот Закон, и голем дел од предлозите и коментарите за подобрување се прифатени, сепак, сметаме дека и овој Предлог-закон содржи слабости и недоречености“, посочуваат  од Хелсиншкиот комитет во месечниот извештај за состојбата со човековите права.

Владата го разгледа и го утврди и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронско управување, и донесе одлука да го достави до Собранието на Република Македонија за натамошна постапка. Целта на Предлог-законот е утврдување на формата, содржината и форматот на барањата од граѓаните за остварување на административни услуги по електронски пат и воспоставување основи за централен електронски регистар на население и електронски услуги.

„Во согласност со одредбите од овој закон, ќе бидат пропишани формата, содржината и форматот, пример: .doc, .xls, .pdf, на барањата коишто граѓаните би ги поднесувале за остварување на своите права. Содржината на документите кои граѓаните би ги добивале во електронска форма сè уште не е стандардизирана. Со цел воспоставување интегрирана електронска база на податоци на органите кои меѓусебно комуницираат преку единствената околина, а кои содржат лични податоци во електронска форма, неопходно е да се измени и да се дополни овој закон на тој начин што ќе се додадат одредби за законскиот основ за воспоставување на централниот електронски регистар на население и електронските услуги“, образложија од Министерството за информатичко општество и администрација по повод најавата на законското решение.

Коментари на новиот Предлог-закон за бесплатна правна помош кои укажуваат на слабости и недоречености во законското решение

Се подготвува новиот Закон за бесплатна правна помош чија цел е достапноста на правната помош за најранливите категории

М.В