/ Прочитано:

3.419

Предлог-законот за енергетика во собраниска процедура

Предлог-законот за енергетика е во собраниска процедура. Целта на Предлог-законот, велат од Владата, е да се создаде ефективна законска рамка за соработка, меѓусебно известување и координација на активностите на надлежните органи на Република Македонија со соодветните институции на Енергетската заедница, особено во однос на обврските за известување за сигурноста во снабдувањето, координирано постапување во кризни состојби, известување за наметнување и следење на исполнувањето на обврските за обезбедување на јавна и универзална услуга и координирани активности во врска со функционирањето и развојот на регионалните пазари на енергија.

„Со Предлог-законот се промовираат начелата на ефикасност, транспарентност и недискриминација во именувањето членови, во работењето и во одлучувањето на Регулаторната комисија за енергетика.

Комисијата ќе има надлежност за регулирање на енергетските пазари во Република Македонија преку донесување на прописи и правила, како и одобрување на правилата донесени од операторите на соодветните енергетски системи“, се вели во законското образложение.

Со законското решение се укинува второстепената собраниска Комисија за одлучување по жалби со што се овозможува независна судска постапка во решавање на жалбите по одлуките на Регулаторната комисија за енергетика. Се воспоставува ефикасен систем за одлучување по приговори на корисници на енергетски системи и потрошувачи на енергија и разрешување на спорови.

Се поедноставува учеството на трговците со електрична енергија и природен гас од други земји на пазарите во Република Македонија преку регистрација во Регулаторната комисија за енергетика, без прибавување на лиценца и пропишување на поедноставни постапки за издавање на лиценца за одделни енергетски дејности по принцип на реципроцитет, и се овозможува пристапот и приклучувањето на трети страни на системите за пренос и дистрибуција на енергија, што е целосно во согласност со барањата од ТЕП, при што особено се уредени можностите за барање за изземање од обврската за овозможување на пристап.

Законските решенија за електроенергетскиот сектор ќе бидат соодветно применети и во секторот за природен гас. Во делот на пазарот на топлинска енергија, се наметнува обврска на секој новоизграден објект што се приклучува на системот за дистрибуција на топлинска енергија да има вградено уреди за мерење на локалното распределување на топлинската енергија (калориметри).

„Во делот на обновливите извори на енергија (ОИЕ) транспонирани се одредбите од Директивата на Европската Унија за ОИЕ кои се однесуваат на статистички трансфери, заеднички проекти и координација на мерките за поддршка со држави од Европската Унија или трети држави. Во однос на мерките за финансиска поддршка за поттикнување на производството од ОИЕ, досегашните повластени (feed-in) тарифи како решение ќе постојат и понатаму, но ќе се применуваат само за одредени технологии кои ќе бидат утврдени во Уредбата која ја донесува Владата на Република Македонија. Се воведуваат нови мерки за финансиска поддршка за поттикнување на производството од ОИЕ, а овие производители ќе бидат избрани во тендерска постапка која ќе вклучува аукција. Овие производители произведената електрична енергија ќе ја продаваат според пазарни услови“, се посочува во законското образложение.

М.В