/ Прочитано:

1.487

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство има за цел да изврши уредување на овластувањата на рибочуварите кои ги чуваат државните риболовни води кои не се дадени на концесија од бесправен риболов и риболовни кражби, како и доуредување на Прекршочната комисија.

Собрание внатре

Во Собранието на РМ, денес на дневен ред на седницата на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство во прво читање.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство има за цел да изврши уредување на овластувањата на рибочуварите кои ги чуваат државните риболовни води кои не се дадени на концесија од бесправен риболов и риболовни кражби, како и доуредување на Прекршочната комисија.

Последиците што ќе произлезат од предложените решенија ќе доведат до доуредување на овластувањето на рибочуварите и на Прекршочната комисија.

Во образложението на одредбите од Предлог-законот, кои се менуваат и се дополнуваат, се наведува дека Инспекторатот, покрај редовните работи од овој закон, е овластен да врши инспекциски надзор на правни и физички лица преку контрола на квалитетот и преку прегледи на пратките од увоз, извоз, производство, откуп, промет на земјоделски производи, семе и саден материјал, цвеќе и декоративни растенија, производи за заштита на растенија, вино и производи од вино и грозје, енолошки средства, јаки алкохолни пијалаци, ѓубриња, тутун и тутунски производи, органски производи, ГМО, храна за животни, приплоден добиток, сперма од добиток, јајце клетки, ембриони.

Инспекторатот врши и фитосанитарна контрола на пратки од растенија, растителни производи и други објекти и предмети и производи за заштита на растенијата, како и утврдување за исполнување на условите за издавање на фитосанитарен сертификат, фитосанитарен сертификат за реекспорт и пасош за растенијата.

Правните и физичките лица не смеат да пуштат во промет пратки од увоз без уверение за квалитет – сертификат, додека за пратките за извоз и внатрешен промет уверение за квалитет – сертификат се издава  на нивно барање.

Царинската управа нема да дозволи да се спроведе увозна постапка доколку претходно не е поднесено барање за издавање на уверение за квалитет – сертификат од правно или физичко лице – трговец поединец.

Министерот формира Прекршочна комисија која ќе биде надлежна за водење на прекршочна постапка, за прекршоци од одделни области и за одделни подрачја од Република Македонија, во согласност со надлежноста на апелационите судови определена со Законот за судовите.

Во Предлог-законот се уредува и работата на Прекршочната комисија.

Таа е составена од три члена и нивни заменици, од кои:

-еден дипломиран правник, со пет години работно искуство во струката, со положен правосуден испит, од редовите на вработените во Министерството;

-двајца дипломирани земјоделски инженери, со три години работно искуство во струката, од редовите на вработените во Министерството.

Мандатот на членовите на Комисијата за одлучување за прекршоци трае три години, со право на реизбор на членовите. Претседател на Комисијата треба да биде лице кое има завршено правен факултет и кое има положено правосуден испит.

Против одлуката на Прекршочната комисија може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во втор степен од областа за инспекциски надзор и прекршочната постапка, во согласност со Законот за прекршоците.

Против одлуката за прекршок, која ја донела Државната комисија за одлучување во втор степен од областа за инспекциски надзор и прекршочната постапка, може да се поднесе тужба за поведување на управен спор пред надлежен суд, во согласност со Законот за прекршоците.