Предлог-законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка пред Комисијата за политички систем
Предлог-законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка е на дневен ред на собраниската Комисија за политички систем.
Состојбата во Република Северна Македонија во периодот од 2007 до 2017 година, се вели во предлог-законот, ја одбележаа масовните поплаки и претставки на граѓаните за груби повреди или за одземања на уставните и законски загарантираните слободи и права. Од година во година се зголемуваше бројот на вакви случаи, со што се создаде состојба на лична, имотна и правна несигурност на граѓаните.
Се создаде општествена свест, се вели во законското образложение, дека во Република Северна Македонија не владее правото, туку интересите на водството на владејачката партија. Се срушија столбовите на уставниот поредок – граѓанинот, неговите слободи и права и принципот на поделба на власта, како темелна вредност на уставниот поредок и парламентарната демократија. Извршната, законодавната и судската власт се изедначија со едно – лидерот и водството на владејачката партија.
„Ваквата потреба од донесување на законот ќе овозможи обесправените граѓани врз основа на овој закон да ја повторат постапката, со единствена цел – да имаат право во однос на обвинението, пред непристрасен суд, во законита постапка да ја спротивстават својата одбрана со изнесување факти и докази кои одат во нивна корист, а судот врз основа на утврдени докази обезбедени во законска процедура, да донесе пресуда заснована на закон.
Бидејќи во Македонија се спроведоа и правосилно се завршија многу судски процеси во кои не се почитуваа општоприфатените стандарди на судење, односно определени суштински компоненти на правичното судење, со точно утврдување на фактичката состојба со докази обезбедени врз основа на закон, со постоење на правото на ‘еднаквост на оружјата’ и слично, тие постапки и процеси не може да се сметаат за целосно легални и легитимни, како и последиците кои настанале како резултат на истите.
Со повторувањето на тие постапки повторно ќе се воспостави претходната положба на осуденото лице како рамноправен граѓанин, ќе се возобноват одземените права, а со тоа ќе се вратат и честа и угледот на граѓанинот. Притоа, не станува збор за рехабилитација, туку за укинување на правните последици на пресудата и нејзино повторување од почеток со возобновени права во согласност со позитивните прописи на Република Северна Македонија“, се вели во законското образложение.
М.В
Предлог-закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка