/ Прочитано:

4.248

Предлог-законот за странци пред пратениците

Владата го поднесе Предлог-законот за странци во Собранието на РМ. Уставниот основ за донесување на новиот Закон за странци, се вели во законското образложение, е содржан во членот 29 на Уставот на Република Македонија, според кој: „Странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.“

Во легислативата на Република Македонија условите за влез, напуштање и престој на странците во Република Македонија, како и нивните права и должности се уредени со Законот за странците („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2006, 66/2007, 117/2008, 92/2009, 156/10, 158/11, 84/12, 13/13, 147/13, 148/15 и 217/15).

„Интегрирањето во Европската Унија преставува јасно и недвосмислено изразен стратешки интерес и приоритетна цел на Република Македонија, сè до нејзиното полноправно членство во Европската Унија. Eдно од основните барања за интеграција на Република Македонија во Европската Унија е усоглaсување со законодавството на Европската Унија, односно транспонирање на правото на Европската Унија во националното законодавство“, се вели во образложението на предложениот Закон.

Во тој контекст, додаваат од Владата, со новиот Предлог-закон за странци се врши усогласување со европското acquis, односно законодавството во  областа на миграцијата, односно условите за влез, визите, одобрувањето на престојот и враќањето на странец со незаконски престој.

Предметниот Предлог-закон го изготви меѓуресорска работна група, составена од претставници од сите релевантни институции (Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Министерството за надворешни работи), кои во зависност од својата утврдена законска надлежност имаат одредени ингеренции во однос на влезот на странците, издавањето на визи, одобрувањето на престојот на странци (привремен и постојан), како и враќањето на странец со незаконски престој.

Предлог-законот, посочуваат од Владата, беше доставен на мислење и до Европската комисија во Брисел и во него се земени предвид нивните забелешки.

М.В