/ Прочитано:

1.225

Предлогот на Павле Трајанов за минимална плата од 300 евра на комисиска расправа

Трајанов во образложението наведува дека сегашниот пропишан износ на минимална плата од 10.080 денари се покажал како несоодветен и неодржлив и дека многу тешко може да одговори на потребите за пристојно живеење и намирување на основните месечни расходи.

pari

Минимална плата од 300 евра или 18.080 денари предлага пратеникот од Демократскиот сојуз Павле Трајанов. Неговиот предлог за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија денеска е на комисиска расправа во Комисијата за труд и социјална политика.

Трајанов во образложението наведува дека сегашниот пропишан износ на минимална плата од 10.080 денари се покажал како несоодветен и неодржлив и дека многу тешко може да одговори на потребите за пристојно живеење и намирување на основните месечни расходи.

„Оваа теза ја поткрепуваат уште и поновите статистички показатели објавени од Сојузот на синдикати на РМ. Според овие податоци, најголем дел од семејниот буџет, или 13.471 денари одат на потрошувачката за храна, а 10.354 денари се потребни за домување, во којшто износ се опфатени и комуналните трошоци и оние за покуќнина“, се наведува во образложението на измените.

Трајанов смета дека покачувањето на платата од 10.080 денари на 18.080 денари може да се постигне со покачување на платата за 10% во наредните 10 месеци, почнувајќи од 1 март 2016 година.

„Едновремено, Предлог-Законот настојува да ги адресира потребите на вработените со најниски месечни примања, а тоа се оние кои работат во текстилната и во кожената индустрија. Логично е и оправдано предложениот износ на минимална плата од 18.080 денари подеднакво да важи и за лицата вработени во наведениве дејности“, стои во образложението.

Основни цели на законот се создавање услови за задоволување на неопходните егзистенцијални потреби на граѓаните, подобрување на социјалната положба и благосостојба и намалување на кредитната задолженост, спречување на експлоатацијата на работниците од страна на работодавачите, изедначување во остварувањето на правото на минимална плата, на вработените во одделите производство на текстил, производство на облека и производство на кожа и слични производи од кожа, приближување кон позитивните (и споредливи за Република Македонија) компаративни искуства и создавање на основни предуслови да се запре миграцијата, а и младите да останат да работат во Република Македонија.