Предложен нов Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти по скратена постапка
Владата во Собранието поднесе нов Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, по скратена постапка
„Постапувањето со бесправно изградени објекти во Република Северна Македонија е уредено со Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/11, 54/11, 155/12, 72/13, 44/12, 115/14, 199/14, 124/15, 129/15, 217/15, 31/16 и 190/17), кој треба да се применува до 2021 година, а предмет на законот се бесправните објекти изградени заклучно со 3 март 2011 година. Со овој закон неколку пати е продолжуван рокот за доставување на барање со потребната документација, меѓутоа од причини што голем дел од барателите не ја доставија потребната документација во законски утврдените рокови, дел од објектите и понатаму останаа без правен статус.
Исто така од страна на Заедницата на единиците на локална самоуправа укажано е дека во поголем дел од единиците на локална самоуправа евидентирани се бесправни градби кои се изградени по 3 март 2011 година, кои не се предмет на постојниот закон и треба да бидат отстранети, што ќе предизвика дополнителни административни постапки и трошоци за единиците на локална самоуправа“, се наведува во законското образложение.
Објаснувањето на законските одредби во целост:
Со Предлог-законот се предвидува можност за утврдување на правен статус на бесправните објекти од значење за Републиката и од локално значење кои се предвидени со Законот за градење или друг закон, помошни градби (гаража, остава) кои се во функција на објект за домување или друг вид на објект, базени на ниво на терен за индивидуална употреба, времени објекти наменети за домување како и објекти за примарна обработка на земјоделски производи (освен настрешници и објекти за времено сместување) согласно Законот за земјоделско земјиште кои се изградени на градежно земјиште, а кои претставувуваат градежна и функционална целина заклучно со 1 октомври 2019 година.
Предмет на овој закон се и бесправните објекти од јавен интерес утврден со закон чии иматели се државни органи или единици на локална самоуправа или правни субјекти основани од Република Северна Македонија односно од единиците на локална самоуправа, кои заклучно со 1 Октомври 2019 година се градежна целина а не и функционална целина.
Предлог законот не ги опфаќа:
– сите видови на бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на светското природно и културно наследство на Конвенцијата на УНЕСКО, кои граници се утврдени со Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, доколку со Студиите за оцена на влијанијата врз животната средина и Студиите за оцена на влијанија врз културното наследство, кои се спроведуваат согласно препораката број 9 од Извештајот за реактивната мониторинг мисија од април 2017 година на Центарот на Светското наследство (ИКОМОС/ИУЦН), е утврдено дека ќе ги загрозат Исклучителните универзални вредности на доброто утврдени во Изјавата за исклучителни вредности на страните на Конвенцијата на УНЕСКО од триесет и деветтата сесија на Центарот на светското наследство и
– станбените згради и доградбите и надградбите на истите.
Постапката за утврдување на правен статус ја спроведуваат единиците на локална самоуправа за објектите од локално значење, министерството за транспорт и врски за објектите од значење за Републиката и за електронските комуникациски мрежи и средства.
Имателите на бесправни објекти имаат обврска да достават барање во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на законот како и обврска од шест месеци од моментот кога се известени дека нивното барање не е комплетно, да ја достават потребната документација.
Основната документација која е предвидено да се достави се состои од копија од лична карта или уверение за државјанство за физичко лице односно извод од Централен регистар за правно лице, доказ за приклучок на бесправниот објект на водоводна или електроенергетска инфраструктура или сметки за користење на јавна услуга (вода или струја), а доколку објектот нема инфраструктурни приклучоци изјава заверена кај нотар дадена под кривична и материјална одговорност со која барателот ќе потврди кога бил изграден објектот и геодетски елаборат за утврдување на фактичка состојба на бесправен објект.
Покрај основната документација за одредени посебни случаи се предвидува да се достави следната документација: известување од нотар дека се води оставинска постапка за предметното земјиште (за бесправен објект кој е изграден на земјиште за кое не е спроведена оставинска постапка), изјава заверена на нотар со која хипотекарниот доверител е согласен да се утврди правен статус на бесправниот објект (за бесправен објект изграден на земјиште за кое во јавната книга за запишување на правата на недвижности е запишано право на хипотека), основен проект-фаза статика (за електронски комуникациски мрежи и средства), договор со заедницата на станари или согласност од мнозинството сопственици на посебните делови во објектот кои претставуваат повеќе од половината од вкупната површина на објектот односно од сопственикот на објектот (за електронските комуникациски мрежи и средства кои се поставени на објект).
По однос на статусот на земјиштето се предвидува да се утврди правен статус доколку објектот е изграден на сопствено земјиште или на земјиште сопственост на Република Северна Македонија или на земјиште сопственост на Република Северна Македонија со право на користење на барателот или на други правни и физички лица, а доколку е изграден на приватно земјиште потребно е да се уредат имотно-правните односи со сопственикот на земјиштето или пак барателот да достави дополнителна документација (изјава кога е изграден објектот, уверение за движење на земјиштето или имотен лист за земјиштето) за да докаже дека во моментот на изградбата на објектот, земјиштето било сопственост на Република Северна Македонија, што претставува услов за да се утврди правен статус на овој вид на објекти.
Бесправниот објект треба да е компатибилен со намената на планската документација а доколку постои неусогласеност со планската документација или пак објектот се наоѓа надвор од плански опфат, Советот на единицата локална самоуправа треба да одлучи дали објектот ќе може да се вклопи во планската документација. Исклучок од ова правило се предвидува за бесправните објекти изградени на земјиште на кое согласно важечката планска документација е предвидена изградба на сообраќајна инфраструктура, за кои не е предвидено да се утврдува компатибилност со планската документација а истите нема да се вклопуваат во планската документација. Исто така се предвидува стандардите за вклопување на бесправните објекти во планска документација да бидат разработени во подзаконски акт.
По однос на бесправните објекти кои се изградени во одредени заштитени подрачја (заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, национални паркови, подрачје на заштитено недвижно културно наследство, подрачје во кое се врши или е планирана експлоатација на минерални суровини, во заштитни зони на аеродроми, во зони на гранични премини во радиус од 100 метри од граничната линија, во подрачје на кое со урбанистичките планови е предвидена изградба на инфраструктурни објекти и водови како и други објекти од јавен интерес утврдени со закон, во заштитен појас на државни и локални патишта, односно во заштитен појас на железничка инфраструктура) се предвидува да се побара согласност за утврдување на правен статус од органите надлежни за управување со овие подрачја.
Бесправните електронски комуникациски мрежи и средства треба да ги исполнуваат стандардите за статика, а сите видови бесправни објекти кои се наоѓаат во потенцијално нестабилна зона, за која од страна на Советот на единицата на локалната самоуправа е донесена одлука за определување на ваква зона, треба да ги исполнуваат стандардите за геомеханика.
Идентификација на бесправните објекти се врши од страна на Комисии формирани од единиците на локална самоуправа и министерството за транспорт и врски, кои ја утврдуваат фактичката состојба на лице место за што составуваат записник со фотографии од објектот.
Надлежниот орган во рок од шест месеци од приемот на барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект односно од денот на продолжување на постапката доколку истата била прекината, утврдува дали се исполнети условите за утврдување на правен статус пропишани со овој закон и донесува урбанистичка согласност или донесува решение со кое се одбива барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект.
По донесувањето на урбанистичка согласност се донесува решение за плаќање надоместок за утврдување на правен статус во кој се утврдува висината на надоместокот кој треба да се плати од страна на имателот на бесправниот објект во рок од шест месеци. Висината на надоместокот за утврдување на правен статус на бесправен објект се утврдува на начин што висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште кој се пресметува во постапката за добивање на одобрение за градење за објектите со истата намена, се зголемува за 50% и се множи со површината на бесправниот објект, која е утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект, а за бесправни електронски комуникациски мрежи и средства изнесува 10 евра во денарска противвредност по м2 од изградената површина, која е утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на електронски комуникациски мрежи и средства. Од плаќање на надоместок се ослободени примателите на социјална помош, државни органи, единици на локална самоуправа, други јавни субјекти како и верските објекти.
По плаќање на надоместокот за утврдување на правен статус, надлежниот орган кој ја спроведува постапката донесува решение за утврдување на правен статус на бесправен објект во рок од пет работни дена, кое по правосилноста претставува правен основ за запишување на правото на сопственост на објектот во јавната книга за запишување на правата на недвижности. При запишување на правото на сопственост на објектот во јавната книга за запишување на правата на недвижностите се прибележува дека објектот добил правен статус согласно овој закон.
Против управните акти донесени од страна на единицата на локална самоуправа и градот Скопје, може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на истите до министерството за транспорт и врски, а против актите донесени од страна на министерството за транспорт и врски до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Се пропишува обврска за единиците на локалната самоуправа и министерството за транспорт и врски да водат Регистар за поднесените барања за утврдување на правен статус на бесправни објекти.
Исто така не се дозволуваат градежни активности на објект за кој е поднесено барање за утврдување на правен статус а доколку се утврди дека по поднесувањето на барањето за утврдување на правен статус се извршени доградби и надградби на бесправниот објект, треба да се донесе решение за одбивање на барањето за утврдување на правен статус без оглед дали бесправниот објект ги исполнува условите за утврдување на правен статус на бесправен објект.
Имателите на бесправни објекти (освен бесправните објекти изградени на земјиште на кое согласно важечката планска документација е предвидена изградба на сообраќајна инфраструктура) за кои е донесено решение за утврдување на правен статус се стекнуваат и со право на откуп на градежното земјиште на кое е изграден објектот во согласност со Законот за градежно земјиште.
Исто така се предвидува посебна постапка за утврдување на правен статус на бесправните линиски инфраструктурни објекти, бесправните линиски електронски комуникациски мрежи и средства и кабелската канализација, која ќе ја спроведува Агенцијата за катастар на недвижности.
Постапките за утврдување на правен статус кои се спроведуваат согласно постојниот Закон за постапување со бесправно изградени објекти ќе продолжат согласно тој закон. Исклучок од ова се постапките за линиските инфраструктурни објекти и линиските електронски комуникациски мрежи и средства за кои се предвидува можност да се спроведат согласно овој закон од причина што се предвидува поедноставна постапка во Агенцијата за катастар на недвижности.
Исто така се дава можност имателите на бесправни објекти кои имале поднесено барање за утврдување на правен статус согласно постојниот Законот за постапување со бесправно изградени објекти, а кое барање било одбиено, да можат да поднесат барање за утврдување на правен статус на бесправниот објект согласно овој закон.
М.В