Предложен закон за решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол
Владата во Собранието поднесе Предлог-закон за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка
Целта на овој закон, се посочува во законското образложение, е целосна имплементација на одредбите од Законот за енергетика со кој се обезбедува заштита на имотот и имотните права и интереси на Република Северна Македонија и се елиминираат пречките кои го попречуваат или оневозможуваат развојот на Република Северна Македонија во делот на изградбата на гасоводната мрежа.
Со овој закон се решава спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје, во целост се окончуваат сите започнати постапки и се отстранува можноста од поведување и водење на нови постапки помеѓу страните на спорот.
„Со Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и МАКПЕТРОЛ АД Скопје по пат на спогодба, се решава долгогодишниот спор што се води помеѓу Владата на Република Северна Македонија и МАКПЕТРОЛ АД Скопје, во врска со утврдување на учеството на секоја од страните во реализација на изградбата на гасоводниот систем во Република Северна Македонија.
Изградбата и располагањето со гасоводниот систем и гасификацијата во Република Северна Македонија е од огромно значење, тоа претставува огромна капитална инвестиција и истата на среднорочен и долгорочен план е од круцијално значење и носи огромни придобивки во севкупниот развој на Република Северна Македонија.
Како резултат на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и МАКПЕТРОЛ АД Скопје, се отпочнати повеќе постапки пред надлежниот суд, кои постапки со децении немаат завршница и до денес ниту една од нив не е правосилно завршена.
Резултат од ваквото постапување во спорот, е тоа што досега се потрошени огромни финансиски средства, потрошено време, човечки потенцијали и што е особено важно, граѓаните неоправдано се лишени од можноста да добијат гасификација, а Република Северна Македонија како држава неоправдано е попречена во развојот со користење и располагање на овој енергетски ресурс.
Со Законот се уредува решавањето на спорот, се решаваат несогласувањата помеѓу страните и води кон целосно окончување на постапките кои произлегле од ваквиот спор и дава можност за мирно надминување на несогласувањата и завршување на сите започнати постапки.
Решавањето на спорот, во овој формат, со носење закон во скратена постапка,со кој се усвојува Спогодба за регулирање на меѓусебните односи, произлезе од укажувањето на Државното правобранителство на Република Северна Македонија, како и од обврската спорот да се реши што побрзо, согласно Законот за енергетика и присутната опасност да бидат воведени соодветни санкции од страна на Европската унија.
Државното правобранителство на Република Северна Македонија имајќи го во предвид значењето на изградбата на гасоводот и гасификацијата во Република Северна Македонија, има разбирање за неговото значење, и како застапник на Република Северна Македонија пред надлежниот суд, укажува дека пред склучување на спогодба, Собранието на Република Северна Македонија потребно е да донесе акт, врз основа на кој Владата да склучи спогодба за регулирање на меѓусебните односи.
Собранието на Република Северна Македонија на 21.5.2018 година, го донесе новиот Закон за енергетика (“Службен весник на Република Македонија“ бр.96/2018), кој закон е во целост усогласен со третиот пакет на ЕУ директивите кои се однесуваат на внатрешниот пазар на енергија, а истовремено Република Северна Македонија е и потписник на Енергетската заедница од нејзиното основање во 2006 година, поради што потребно е овој спор да се реши во најбрз можен рок.
Во моментот, Владата на Република Северна Македонија и МАКПЕТРОЛ АД Скопје се акционери во деловниот субјект ГА-МА АД Скопје, што претставува сериозен проблем, бидејќи со Законот за енергетика е предвидено да се изврши сопственичко раздвојување на Операторот на системот за пренос на природен гас. Тоа значи дека ист субјект ќе нема право во исто време да ја врши дејноста Оператор на системот за пренос на природен гас и дејностите на трговија и/или снабдување со природен гас.
Во Република Северна Македонија, со системот за пренос на природен гас, управува ГА-МА АД Скопје, а сопственици на истата се Владата на Република Северна Македонија и МАКПЕТРОЛ АД Скопје.
МАКПЕТРОЛ АД Скопје поседува и фирма за снабдување со природен гас, што е во спротивност со одредбите од Законот за енергетика кои се однесуваат на сопственичкото раздвојување.
За Република Северна Македонија, од особено значење е да се задржи сопственоста врз преносниот систем со природен гас и токму поради тоа во член 110 од Законот за енергетика е пропишано дека сопственик на операторот на пренос со природен гас е Министерство за економија, а истовремено преку државната компанија МЕР АД Скопје во тек е изградба на магистралниот гасовод низ целата држава и во иднина по изградба на целосната мрежа, за непречено функционирање, потребно е овој гасовод што го гради МЕР АД Скопје, да се спои со системот на природен гас со кој сега управува ГА-МА АД Скопје.
Со цел Република Северна Македонија, успешно да го заврши процесот на сертификација на операторот на преносниот систем на природен гас, и да се изврши спојување на двете компании МЕР АД Скопје и ГА-МА АД Скопје и акциите да се префрлат од Владата на Република Северна Македонија на Министерство за економија, согласно Законот за енергетика, потребно е во најбрз можен рок да се реши спорот со МАКПЕТРОЛ АД Скопје“, се вели во законското образложение.
М.В