/ Прочитано:

1.524

Предложен Законот за услуги со европско знаменце

Владата во Собранието на РМ го поднесе новиот Предлог-закон за услуги, во кој се пропишува дека  со него се уредуваат општите одредби за правото на основање и слободата на давање на услуги во Република Македонија, организирањето на Единствената точка за контакт на пазарот на услуги, поврзувањето со Информативниот систем за внатрешен пазар на Европската Унија, координацијата и заедничката соработка со државите договорни страни на Договорот за основање на Европскиот економски простор.

Целта на Предлог-законот е да се утврди општата правна рамка за широка разновидност на услуги, при што се земаат предвид различните карактеристики на секој вид дејност или професија и нејзиниот систем на регулирање. Со предложениот Закон за услуги ќе се овозможи унапредување на слободата на основање, поедноставување на постапките за одобрување на пристап на пазарот на услуги, како и на слободата на давање на услуги во Република Македонија.

Во Законот се дефинира дека „услуга“ е самостојна економска активност која се врши за надоместок и не е уредена со закони и прописи со кои се уредува проток на стоки, капитал и лица;

„Давател на услуга“ е физичко лице државјанин на Република Македонија или на држава од Европски економски простор или правно лице со основано седиште во Република Македонија или во држава од ЕЕП кое нуди  или дава услуги;

„Примател на услугата” е физичко лице државјанин на Република Македонија или на држава од ЕЕП или правно лице со основано седиште во Република Македонија или во држава од ЕЕП кое користи или сака да ја користи услугата за свои професионални или непрофесионални цели;

Во законското образложение се вели дека значењето на услужниот сектор во поттикнување на целокупниот економски развој во Република Македонија е во постојан пораст. Услужните дејности се значаен и сè уште недоволно искористен извор за создавање на нови работни места.

Поттикнување на развојот на услужниот сектор, се истакнува во образложението,  е условено со проширување на услужните активности надвор од границите на земјата, нивно слободно движење и интеграција во глобалниот пазар на услуги.

„Трговијата со услуги вообичаено е предмет на поголема регулаторна контрола, што придонесува да се ограничи нејзиниот развој. Постоењето на неоправдани и несразмерни на целта административни пречки за започнување на економска активност и за вршење услужни дејности иницираше потреба од донесување на општа правна рамка во услужниот сектор со истовремено усогласување со Директивата за услуги на внатрешниот пазар на ЕУ 2006/123/ЕЗ (Директива за услуги). Со нејзина имплементација во законодавството на Република Македонија ќе се обезбеди непречено движење на услугите преку следните елементи: отстранување на законските и административните ограничувања за вршење услужни дејности, воспоставување на едно место преку кое вршителите на услужни дејности можат да поднесат барања за неопходните постапки за дозволи по електронски пат, унапредување на соработката помеѓу регулаторите од одделни земји и подобрување на квалитетот на услугите“, се додава во образложението на новиот Предлог-закон за услуги.

Министерството за економија подготвува Закон за услуги

М.В