/ Прочитано:

2.765

Предложени дополнувања на Законот за земјоделство и рурален развој, чија цел е непречена реализација на финансиската поддршка во земјоделството

Владата на РМ во Собранието на РМ предложи закон за дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, по скратена постапка.

Целта на овој закон е да се овозможи ефикасна и навремена исплата на средствата од програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на крајните корисници.

„Со законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој објавен во ‘Службен весник’ бр.25/15, покрај веќе претходно предвидените услови (земјоделските стопанства да немаат парични обврски спрема Министерството за земјоделство) за користење на поддршка по програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се воспостави и нов услов, а тоа е дека земјоделските стопанства не треба да имаат и обврски по основ на неплатени даноци и придонеси за кои е надлежна Управата за јавни приходи“, се вели во зaконското образложение.

Ваквиот дополнителен услов, се додава во образложението, предизвика проблеми во имплементацијата на програмите уште во тековната 2015 година, поради што се одложи неговата примена за една година, проблемите не се отстранија ниту во текот на 2016 година поради што повторно се одложи примената уште за една година, а проблемите не се надминати и во текот на 2017 година поради што се проблематизира реализацијата на мерките по програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, односно не можат да се исплаќаат ниту директните плаќања (субвенциите) ниту мерките за инвестиции во земјоделските стопанства.

„Суштинските разлики (временски и процедурални) во начинот на утврдување на обврските по основ на даноци и придонеси, од една страна и обврските по основ на субвенции, од друга страна, кои се резултат, пред сè, на различните политики кои треба да се реализираат преку тие процедури (УЈП треба да наплаќа даноци и придонеси во строго утврдени постапки во законите од даночната сфера и кои треба да доведат до реализација на планираната приходна страна на Буџетот на РМ, а пак процедурите за исплата на поддршката во земјоделството се во насока да се обезбеди навремена исплата на поддршката по различни мерки, односно да се обезбеди за еден ист корисник поддршката по различни мерки да ја добива во различен период во согласност со календарот за исплата на поддршката, односно во согласност со потребите на земјоделците), го отежнуваат процесот на изнаоѓање решенија кои нема да бидат на штета на едната или на другата политика, односно да се овозможи истовремено ефикасна и навремена наплата на даноците и придонесите и ефикасна и навремена исплата на субвенциите“, се посочува во законското образложение.

Од наведените причини, се вели во образложението, а заради непречена реализација на финансиската поддршка во земјоделството, со предложениот закон се предлага за корисниците на средствата од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година и Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2017 година да се одложи важењето на условите за намирени обврски по други основи кои не се од областа на земјоделството, односно обврските за кои е надлежна Управата за јавни приходи.

M.В