/ Прочитано:

1.140

Предложени измени на Законот за јавен долг – ограничување на задолжувањето на 100 милиони евра

Предлагачот наведува дека со Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за јавен долг се очекува да се обезбеди правната сигурност и благосостојбата на граѓаните, да се минимизира економската неизвесност, како и да се востанови поголема контрола врз јавниот долг, по пат на ограничување на износот на задолжување на Република Македонија кон странство, во насока на обезбедување повисока економска стабилност.

Евра

Во Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за јавен долг, поднесен од пратеникот Павле Трајанов, се наведува дека основната цел која треба да се постигне со донесувањето на овој закон се состои во намалување на јавниот долг, како и во воспоставување контрола врз идното зголемување на јавниот долг.

Во Законот за јавен долг („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 88/2008, 35/11 и  139/14), во членот 18 ставот (5) се менува и гласи:

„Државните хартии од вредност во име на Република Македонија, на меѓународниот финансиски пазар ги издава Министерството за финансии врз основа на одлука на Владата на Република Македонија, со која се утврдува максималниот износ на задолжувањето преку државни хартии од вредност кое не смее да надминува износ повисок од 100 (сто) милиони евра во денарска противвредност“.

По ставот (5), се додава нов став (6) кој гласи:

„За задолжувањето кое го надминува износот од 100 (сто) милиони евра во денарска противвредност, во текот на една година на предлог на Владата на Република Македонија, одлука донесува Собранието на Република Македонија“, се наведува во предложените измени.

Со членот 1 се интервенира во чл. 18 ст. 5, во таа смисла што со него се предвидува соодветен законски лимит над кој не смее да се движи износот на надворешниот долг на РМ, или попрецизно се пропишува дека максимумот на задолжувањето преку државни хартии од вредност не може да достигне повеќе од 100 (сто) милиони евра во денарска противвредност.

„Вака востановеното ограничување има за цел да помогне во насока на елиминирање на прекумерното трошење и да го оневозможи секое зголемување на јавниот долг кое не е во интерес на економската стабилност на државата и на правната сигурност и благосостојбата на граѓаните. Не помалку, новите законски решенија треба да им послужат и на идните генерации, растоварувајќи ги од опасноста да бидат изложени на намирување на долговите, проследени со високи каматни стапки кои се резултат на сегашните задолжувања“, се наведува во образложението на измените.

Дополнително, одредбата од член 18 предвидува и дополнителен контролен механизам –  Собранието, кое треба да одлучува тогаш кога задолжувањето ќе го пречекори законскиот лимит од 100 милиони евра, колку што се предложува во измените.

„Одлуката донесена од страна на законодавниот дом во секој конкретен случај мора да се заснова врз целисходноста на барањето на Владата за трошење на дополнителни  финансиски средства. Расправата во Собранието ќе овозможи и поголема транспарентност во процесот на одлучување, како и посигурни гаранции за наменско трошење на финансиските средства“, се наведува во образложението на измените.

Предлагачот наведува дека со Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за јавен долг се очекува да се обезбеди правната сигурност и благосостојбата на граѓаните, да се минимизира економската неизвесност, како и да се востанови поголема контрола врз јавниот долг, по пат на ограничување на износот на задолжување на Република Македонија кон странство, во насока на обезбедување повисока економска стабилност. Ваквите промени истовремено значат и чекор напред во смисла на востановување соодветен контролен механизам, т.е. предвидување надлежност на Собранието на Република Македонија да одлучува за целисходноста на задолжувањето кога тоа го надминува пропишаниот законски износ.