/ Прочитано:

927

Предложени измени на Законот за концесии и јавно приватно партнерство по скратена постапка

Владата поднесе во Собранието измени на Законот  за  концесии и јавно приватно партнерство по скратена постапка. Целта на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство е доколку се создадат такви околности што исполнувањето на договорената обврска помеѓу договорните страни за некој дел од договорот за концесија нема да го даде очекуваниот резултат и не е целисходен, планираната инвестиција за тој дел од договорот да се искористи за општокорисна намена, односно во јавен интерес.

„Со измените се уредува можноста за измена на договорот за концесија од страна на  Владата како концедент, во случај да е настаната состојба со која не е возможна реализација на договорот во некој дел од истиот, односно по претходна направена анализа на проценка на економската оправданост ќе утврди дека нема повеќе економска оправданост, поради што ќе изврши  пренамена на дел од средствата кои биле потребни за спроведување на тој дел од договорот  и  нивно  инвестирање во објекти од јавен интерес. За таа цел Владата може да донесе одлука со која ќе се утврди износот, намената, начинот и динамиката на реализација на намената на средствата, согласно правата и обврските на концесионерот и концедентот утврдени во договорот за концесија“, се вели во законското образложение.

Со измените се пропишува дека можноста за  склучување анекс  на договорот за концесија ќе важи една година од денот на влегување во сила на Законот, период во кој Владата како концедент може да го измени договорот во согласност со одредбите на Законот.

М.В