/ Прочитано:

888

Предложени измени на Законот за квалитет на амбиентниот воздух

Владата поднесе во Собранието измени на Законот за квалитет на амбиентниот воздух. Измените се поднесени со европско знаменце.  Главна цел на измените, се вели во законското образложение, е воспоставување на јасен начин на подготовка на плановите за квалитет на воздухот и на краткорочните акциски планови, како и ефикасно спроведување на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот.

Дополнителна цел е усогласувањето на прекршочната и инспекциската политика и овозможување на одмерувањето и изрекувањето на глобите.

„Во прв ред, измените јасно ја определуваат надлежноста за изготвување и усвојување на планови за квалитет на амбиентниот воздух и на краткорочните акциски планови на локално ниво врз основа на два кумулативни критериуми – надминување на граничните вредности (или на целните вредности) и бројноста на населението“, се вели во законското образложение.

Се предлага градоначалникот на општината да ги координира активностите за подготовка на плановите за квалитет на амбиентниот воздух и на краткорочните акциски планови.

Во процесот на изготвување и имплементација на плановите за квалитет на амбиентниот воздух и на краткорочните акциски планови, единиците на локалната самоуправа треба да бидат поддржани во прв ред од Министерството од животна средина и просторно планирање.

Со измените се воведува обврска за објавување на годишен извештај за имплементацијата на планот за квалитет на воздухот на интернет-страницата на општината и на Градот Скопје и обврска за општините и за Градот Скопје кај кои не постои мониторинг преку државни или локални мрежи за мониторинг, да вршат индикативни мерења на квалитетот на амбиентниот воздух.

Мерки за намалување на емисиите на загадувачките супстанци

„Заради заштита на животот и здравјето на луѓето и на животната средина, а во насока на реализација на планските документи кои произлегуваат од овој закон, Владата на Република Северна Македонија на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, а во согласност со надлежниот министер/министри од чиј делокруг се мерките, односно министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на економијата, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на внатрешни работи, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на здравството, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на трудот и социјалната работа, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на транспортот и врските,  во случаите на надминување на праговите на алармирање пропишани со прописот можат на одредено или неодредено време на целата територија на Република Северна Македонија или на одреден дел од територијата, за намалување на емисиите на загадувачките супстанци да воведат мерки со донесување на наредба со која се:

  1. ограничува, забранува или пренасочува сообраќајот на определени подрачја;
  2. задолжува работодавецот да ги реорганизира работното време, работните смени или работните денови во насока на минимизирање на ризиците кај одредени категории на граѓани, како и на вршители на одделни дејности и/или активности кои придонесуваат во загадувањето на воздухот;
  3. намалува капацитетот на производство на инсталациите кои имаат влијание врз квалитетот на амбиентниот воздух;
  4. забранува/ограничува организирање на културни, спортски и други манифестации на отворено;
  5. реорганизира работата на инспекциските служби на централно ниво;
  6. ограничува/намалува/забранува употребата на возниот парк во јавниот и приватниот сектор;
  7. забранува/ограничува употребата на производи за затоплување на домаќинствата, приватниот и јавниот сектор кои придонесуваат за загадување на воздухот и
  8. други активности кои ќе се утврди дека се неопходни заради подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух, а кои се предвидени во планските документи за воздух“, се пропишува во новиот додаден член на законските измени.

Утврдени измените на повеќе закони од областа на животната средина

Законските измени за зголемени казни во областа на животната средина во собраниска процедура

До 20 пати поголеми казни за загадување на животната средина

Законски измени за намалување на глобите во Законот за јавна чистота

Измени на Законот за прекршоците за заострување на казните од областа на животната средина

М.В