/ Прочитано:

2.077

Предложени измени на Законот за нотаријатот во врска со архивата на нотарите

Пратеници од владејачкото мнозинство во Собранието поднесоа измени на Законот за нотаријатот. Целта на Предлог на законот е да се уреди и прецизира одредбата која се однесува на работењето и чувањето на архивата на нотарите кои одат во пензија, кои се разрешени како и на тие на кои им престанала нотарската служба.

Во предложените законски измени се образложува дека досегашната имплементација на  одредбите од Законот за нотијатот се наметнала можноста за различно постапување односно се создадала правна празнина во врска со архивата на нотарите, односно со нотарските списи, нотарските деловни книги, како и со исправите кои службено му се предадени на нотарот подолг временски период и кои не се преземени од надлежните судски подрачја.

Во Законот за нотаријатот, се посочува во законското образложение, се уредува законска можност списите и книгите на нотарот во случај на престанок на нотарската службa или во случај кога ќе го премести седиштето на нотарот на подрачјето на друг надлежен суд да можат да бидат преземени од Нотарската комора или друг определен орган од страна на министерот.

„Со членот 23 од законот законодавецот предвидел одредби и за одговорноста на наследниците и другите лица кај кои се наоѓа архивата на нотарот на кој му престанала службата како субјекти да учествуваат во предавањето односно да ги предадат списите. Во Законот за нотаријатот со кој се уредува нотаријатот како јавна служба во Република Северна Македонија законодавецот го регулирал проблемот на архивирањето и чувањето на нотарскиот архивски материјал преку одредби кои овозможуваат чување на истиот, но истите од досегашната пракса наметна потреба од дополнителна регулација односно прецизирање на постојната одредба 4 заради честите случаи кога овие состојби подолг временски период немаат никаква разрешница во однос на преземањето и чувањето од надлежните судски подрачја.

Токму од оваа причина со предложената измена на Законот за нотаријатот преземањето и чувањето на списите и нотарските деловни книги во случај на престанок на нотарската службa во случаите кога на нотарот ќе престане нотарската служба или ќе го премести своето седиште на подрачјето на друг надлежен суд, конкретно за нотарските списи и нотарски деловни книги ќе му биде предадено на Државниот архив на Република Северна Македонија. Во случај на смрт на нотарот, за предавањето на нотарската архива законската обврска паѓа на неговите законски наследници односно на нотарот кој привремено ја врши нотарската служба или други лица кај кои се наоѓа архивата“, се образложува во законските измени.

Предложените законски измени на член 23 ставот (1) гласат:

„Ако на нотарот му престане нотарската служба или ако го премести своето седиште на подрачјето на друг надлежен суд, нотарските списи и нотарски деловни книги, како и исправите кои службено му се предадени (нотарската архива), ги предава на чување на Државниот архив на Република Северна Македонија. Во случај на смрт на нотарот, предавањето на архивата се должни да го вршат неговите законски наследници, нотарот кој привремено ја врши нотарската служба или други лица кај кои се наоѓа архивата.“

Со предложените решенија кои ќе бидат применливи во пракса, се вели во законските измени, ќе се зголеми степенот на правната сигурност во правниот промет и ќе се овозможи правилен и посигурен начин на остварување на правата на граѓаните.