/ Прочитано:

2.782

Предложени измени на Законот за облигационите односи во врска со износот на каматата

Група пратеници поднесоа измени на Законот за облигационите односи. Со Предлогот на законот, се вели во законското образложение, се очекува подигање на степенот на одговорност на учесниците во прометот и се остварува посакуваната рамноправност на учесниците во правниот промет. Предлог-законот значително ќе ги подобри условите за водење бизнис на најголемиот број на учесници во правниот промет, а тоа се малите и средните претпријатија, и ќе овозможи ефикасен начин на справување со стекнувањето на т.н. незаработени доходи.

Во Законот за облигационите односи по членот 389 се додава нов член 389-а,  кој гласи:

„Кога износот на стасаната, а неисплатена договорна камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече.“

Одредбата со која се додава нов член 398-а се применува и за неплатената камата од 1 јануари по годината во која стапката на инфлацијата била во рамките на умерена инфлација, односно до 50%  на годишно ниво.

Одредбата не се применува од 1 јануари по годината во која стапката на инфлацијата е во рамките на голема инфлација, односно над 50%  на годишно ниво.

Одлука за прогласување на година на ниска (до 3%), умерена (од над 3% до 50%)  или висока инфлација (над 50%) донесува Советот на Народната банка на Република Северна Македонија.

„Со членот 1 од Предлогот на  законот се уредува дека износот на каматата не може да биде поголем од износот на основицата од која се пресметува.

Со членот 2 се нагласува економската суштина на инфлацијата како вишок на агрегатната побарувачка, а од друга страна се потврдува дека пресудна улога во борбата против инфлацијата имаат фискалната и монетарната политика. Успехот на овие две јавни политики се врзува токму со држењето на инфлацијата под контрола“, се вели во законското образложение.

М.В