Предложени измени на Законот за пожарникарство
Група пратеници во Собранието предложи измени на Законот за пожарникарство. Целта на предложеното изменување на Законот за пожарникарство е да се изврши функционално, организациско и административно осамостојување на противпожарни единици од општини кои функционираат во рамки на поголеми територијални противпожарни единици, со цел подобрување на нивната функционалност и ефикасност.
„Со Законот за пожарникарство се уредуваат формирањето, организирањето и дејствувањето на противпожарните единици, доброволните противпожарни здруженија, гаснењето на пожарите, како и условите за производство, ставање во употреба и одржување на уредите, опремата и средствата за гаснење на пожари.
Поради гаснење на пожари, спасување на животот на граѓаните и заштита на имотот загрозени од пожари и експлозии, укажување на техничка помош при незгоди и опасни ситуации, како и извршување на други работи при несреќи и непогоди, се формираат противпожарни единици. Во Република Северна Македонија постојат територијални противпожарни единици кои се формирани во поголемите општини и тие во својата надлежност ги покриваат и подрачјата на помали општини.
Од причини што во одредени помали општини, поради зголемена опасност од појава на пожари и поефикасна организираност во справувањето со нив, се појави потреба за формирање на територијални противпожарни единици, потребно е да се направат соодветни измени на Законот за пожарникарство и општините Старо Нагоричане, Кривогаштани, Македонска Каменица и Ранковце да добијат свои противпожарни единици“, се вели во законското образложение.
М.В