/ Прочитано:

1.312

Предложени измени на Законот за празниците во врска со Светскиот ден на ромскиот јазик и геноцидот над Ромите во Втората светска војна

Пратеникот Самка Ибраимовски во Собранието на РМ поднесе предлог-измени на Законот за празниците. Со Законот за празниците на Република Македонија  се уредуваат државните празници на Република Македонија и другите празници и се определуваат неработните денови на празнувањето.

Со законските измени се предлага дополнување на членот 4 ставот 2 со нови алинеи со кои како неработни денови за припадниците на ромската заедница, покрај 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, кој е уреден во постојното законско решение, се прогласуваат и  5 август за Меѓународен ден на сеќавањето на ромските жртви на геноцидот во Втората светска војна – самударипен (samudaripen) и 5 ноември за Светски ден на ромскиот јазик за  припадниците на ромската заедница во Република Македонија.

Во 2015 година, УНЕСКО го прогласи 5 ноември за Светски ден на ромскиот јазик, со што испрати јасна порака дека ромскиот јазик е дел од културното наследство и културното богатство на светот. Ромскиот јазик, се вели во законското образложение, односно „Romani chib”, мора да се сочува бидејќи е древен јазик со сите лингвистички карактеристики на модерен јазик, кој е во опасност од исчезнување.

„Дополнувањето на Законот за празниците во Република Македонија со нови алинеи е од причина што со Резолуцијата на Европскиот парламент од 15 април 2015 година, по повод Меѓународниот ден на Ромите – антиромизмот во Европа, Европската Унија го призна за Меморијален ден на геноцид над Ромите во Втората светска војна (European Parliament resolution of 15 April 2015 on the occasion of International Roma Day-anti-Gypsyism in Europe and EU recongnation of the memorial day of the Roma genocide during World War II (2015/2615(RSP), (52015IP0095). Овој документ на Европската Унија беше адресиран до парламентите на земјите членки на ЕУ,  до Советот,  Комисијата, Организацијата за безбедност и соработка на Европа, Советот на Европа, до земјите кандидатки за членки на Европската Унија и владите на земјите членки. Меѓународниот ден на сеќавањето на ромските жртви на геноцидот во Втората светска војна/самударипен (samudaripen) е ден на кој се комеморираат сите ромски жртви на Втората светска војна, а тој се одбележува во сеќавање на  2897 Роми убиени во концентрациониот логор во Аушвиц“, се вели во образложението.

М.В