/ Прочитано:

2.923

Предложени измени на Законот за семејството

Пратениците од Левица во Собранието поднесоа измени на Законот за семејството. Со предложеното законско решение ќе се уредат прашањата кои во праксата се покажаа како недоследени и чија имплементација создаде простор за произволност и различна примена или целосно неприменување , а со тоа и законско ускратување на сите засегнати страни да учествуваат и да ги остваруваат правата кои произлегуваат од споровите односно постапките за утврдување или оспорување на татковство и мајчинство.

„Законот за семејството како единствена целина на Законот за бракот, Законот за односите на родителите и децата, Законот за посвојување,Законот за старателство и Законот за посебните процесни постапки  е донесен во 1992 година.

Примената на поединечните закони донесени во периодот од 1974 година до донесување на Законот за семејството  покажале свои слабости, пропусти, нејаснотии и дилеми кои предизвикувале различни толкувања и примена на законите при разрешување на одредени состојби.

Потребата од донесување нанов модерен Закон за семејството со кој ќе се решат новонастанатите состојби и  ќе се пополнат правните празнини, инициран од промените во општествено-економскиот развој, а особено од промените на составот на општеството спрема определени односи, појави и состојби поврзани со семејството и бракот се покажала како неопходна.

Во главата  III. ЗАСНОВАЊЕ НА ОДНОСИ МЕЃУ РОДИТЕЛИ И ДЕЦА со одредбата од членот 50 регулирано е кој  се смета за татко на детето родено за време на траење на бракот или во рок од 300 дена по престанокот на бракот.

Оваа одредба во пракса секогаш се применува  за случаите  кога детето е родено за време на траење на брачната заедница, во кои случаи по автоматизам како татко на детето се запишува брачниот другар на мајката, без оглед дали истиот е биолошки, односно природен татко на детето (т.н. соборлива правна претпоставка).

За татко на дете родено надвор од брак,се смета лицето кое ќе го признае детето за свое и тоа пред матичар, пред Центарот за социјална работа или пред суд – доколку со тоа се согласи мајката на детето, а кога детето е постаро од 16 години, потребна е и негова согласност.

Утврдувањето на татковство по сила на овој закон може да се оствари по судски пат кога детето е родено надвор од брак, односно кога во изводот од Матичната книга на родените за детето  не е запишан вистинскиот татко на детето.

Како подносители на тужбата  за утврдување на татковство по судски пат  може да се јават:

  1. Лицето кое дало изјава за признавање на татковство, кога мајката на детето и детето постаро од 16 години не дале согласност или не се изјасниле во предвидениот рок од 30 дена по приемот на известувањето дека некое лице дало изјава за признавање на татковство;
  2. Старателот, со одобрение на Центарот за социјална работа, додека трае старателството, а најдоцна до навршена 21 година од  животот на детето.
  3. Центарот за социјална работа, по службена должност, доколку мајката во вршењето на родителското право ги занемарува интересите на детето и не покренала постапка за утврдување на татковствто.

Кога станува збор за оспорување на татковство по судски пат, како подносители на тужбата за оспорување на татковство (т.н. активно легитимирани лица) може да се јават само:

  1. Брачниот   другар кој е запишан како татко на детето во изводот од матичната книга на родените, на дете родено завреме на траењето на бракот кое го родила неговата брачна другарка  или  пред истекот на 300 дена од престанокот на бракот, или неговиот старател ако тој е лишен од деловна способност и тоа во рок од 3 месеци од денот на дознавањето за раѓањето на детето;
  2. Мајката на детето, ворок од 3 месеци од раѓањето на детето; и
  3. Детето.

Тргнувајќи од целината на Законот за семејството, со кој се уредени односите меѓу родителите и децата, основните принципи врз кои се темели семејното право – еднаквоста и рамноправноста, како и принципот на заштита на интересите на децата и принципот на заштита на семејството,  доминацијата на лично правните елементи, сведени на права и обврски меѓу членовите на семејството од неимотен карактер (верност, помагање, почитување и др.) и од имотен карактер (право на издржување меѓу брачните другари, како и меѓу родителите и децата), особено е важна елиминацијата на ова ограничувчко право на личниот и семејниот живот на граѓанинот, односно ускратувањето на правото да се утврди биолошката врска на детето со неговите вистински родители,односно на родителот со детето, како клучен факт во оваа  правна ситуација која законот не смеел да ја исклучи.

Со постојнотои несфатливо законско ограничување,вистинскиот биолошки родител е оневозможен во  остварување на правото за оспорување на татковството на детето – преку ускратување на правото за утужување, со што законодавецот при носење на законот ги  нарушил  членот 25 од Уставот и членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Оваа недоследност и законска  неуреденост во голем број постапки за утврдување, односно оспорување на татковство кои се водат пред надлежните основни граѓански судови во целост ја ускратуваат можноста на друго лице да се запише како татко, кога со материјални докази ќе докаже дека е негов биолошки родител односно татко, на дете родено во брачна заедница на мајката со друг маж, кој по сила на законот е запишан како татко, односно  детето го признал за свое.

Уписот на татковство во овие ситуаци единствено е можно само доколку постои согласност на брачниот другар со кој мајката на детето е во брачна заедница, но не се ретки и ситуациите кога и покрај ова материјално докажување на родителската врска, брачниот другар согласноста не ја дава, а биолошкиот татко (заради законската неуреденост) истото не може да го оствари!?

Заради фактот што постојниот закон му овозможува на брачниот другар на мајката (кој не е вистинскиот татко) во Изводот од матичната книга на родените за детето да се запише како татко на детето, а со тоа и му дава законски основ за потреба од негова согласност кога се бара признавање на татковство на детето од друго лице (кое е биолошкиот родител), за кое се дознало за  време на траење на бракот и заради  многуте  случаи во нашата судска пракса, каде токму ваквата интерпретација на законот предизвикува правна несигурност и недоследност во остварување на ова право, потребно е итнодонесување на овие законски измени и дополнувања.

Имајќи  ја предвидможноста запишаниот татко, доколку смета дека тој не е татко на детето, со тужба да го утврдува спротивното, како и можноста за мајката за која се претпоставува дека знае оти запишаниот татко на детето не е вистинскиот татко, со тужба за да го оспори извршениот упис на татко во Изводот од матичната книга на родените, се поставува дилема како со ваквата законска регулација друго лице, кое воедно е и биолошки татко на детето, може да го оствари ова право?

Законот иако не предвидел можност, биолошкиот –природниот татко на детето кое е родено за времена„траење на брачната заедница“ (меѓу мајката и нејзиниот брачен другар, односно лицето кое е запишано како наводен татко на детето), да биде подносител на тужба со која се оспорува уписот на брачниот другар по автоматизам за тактко на детето родено за време на траење на бракот, сепак во пракса група на граѓани кои ја имаат оваа потреба се спречени во остварување на оваа фундаментално натурално право и упишување на татковство преку природна, односно вистинска врска.

Бидејќи формулациите на постојните одредби во Законот за семејство целосно го дискриминирааг биолошкиот-природниот татко на детето за утврдување или оспорување на татковството дури и кога поседува несоборливи материјални докази од кои произлегува фактичката состојба(пр. Форензичко вештачење по ДНК-отисок), потребно е донесување на Предлог законот за изменувње и  дополнување на Законот за семејството“, се вели во законското образложение.

М.В