Предложени измени на Законот за трговските друштва со кои се предвидуваат повеќе значајни новини
Владата во Собранието измени на Законот за трговските друштва. Во измените се предлагаат повеќе значајни измени во однос на основањето на друштвото со ограничена одговорност, воведувањето нов тип на трговско друштво, како и во однос на глобите и прекршоците.
„Целта на Предлог-законот е да се овозможи основање друштво со ограничена одговорност со симболичен минимален износ на почетен основачки капитал од 1 евро од страна на лица граѓани кои имаат идеја за водење бизнис, но немаат доволно средства во износ од најмалку 5.000 евра основачки капитал за да отпочнат сопствен бизнис. Со примената на одредбите од Предлог-законот се очекува и намалување на сивата нелегална економија во државата.
Со Предлог-законот се воведува нов тип друштво со ограничена одговорност, кое го носи насловот ‘Поедноставено друштво со ограничена одговорност – ПДОО’. Друштвото може да има најмногу до тројца основачи физички лица, од кои еден е управител, односно член на органот на управување. Со оглед на тоа што станува збор за друштво со основна главнина од 1 евро, се предлага воведување посебен режим за финансиско работење во однос на располагање со добивката, како и обезбедување и располагање со задолжителната резерва на друштвото.
Со Предлог-законот се врши усогласување со Законот за прекршоците, објавен во ‘Службен весник на Република Северна Македонија’ бр. 96 од 17.5.2019 год. Со Предлог-законот се овозможува намалување на износот на глобите за трговците, доколку согласно Законот за трговските друштва се класифицирани како микро и мали трговци, додека за останатите трговци, класифицирани како средни и големи износот на глобата се предлага да биде зголемен. Воедно, значително се намалува износот на глобата за членови на орган на управување во акционерските друштва, доколку во конкретно определени случаи постапуваат спротивно на одредбите од Законот за трговските друштва, поради што се воведува мерка забрана за вршење должност во траење од една година, заедно со изречената глоба, доколку прекршокот биде повторно сторен од страна на членовите на органот на управување.
Со бришење на членот 552-б од Законот за трговските друштва ќе се укине двојното санкционирање на трговските субјекти за недоставување годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, со тоа што на сила ќе останат прекршочните одредби од законот, кои за овој прекршок предвидуваат прекршочна санкција во форма на глоба за трговскиот субјект и одговорното лице, како и привремена мерка забрана за вршење дејност и должност за трговскиот субјект и одговорното лице“, се вели во предложеното законско решение.
М.В