Предложени законски измени во врска со полагањето на практичниот дел на возачкиот испит
Владата поднесе во Собранието измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
„Во услови на пандемијата предизвикана од вирусот корона (ковид-19), а со цел овозможување редовно спроведување на возачките испити, односно вториот практичен дел од возачкиот испит на кандидат за возач, а воедно спречување на ширење на вирусот и заштита на јавното здравје, донесена е Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за време на вонредна состојба.
Во наведената уредба предметното прашање е уредено на начин што се предвидува за време на траење на вонредната состојба, како и по престанокот на траењето на вонредната состојба до 31.12.2020 година, при спроведување на вториот практичен дел од возачкиот испит на кандидат за возач, во возилото да се присутни претседателот на испитната комисија и испитувачот по практичен дел.
Имајќи ја предвид временската рамка утврдена во Уредбата, се предлага донесување на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со што предвиденото решение во Уредбата ќе биде преточено во законска одредба и со тоа ќе се овозможи спроведување на вториот практичен дел од возачкиот испит на кандидат за возач, во континуитет, сѐ до завршување на пандемијата предизвикана од вирусот корона.
Имено, со измените се предлага за време на траење на пандемијата прогласена од Светската здравствена организација во врска со заразната болест ковид-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2, при спроведување на вториот практичен дел од возачкиот испит на кандидат за возач, во возилото да се присутни единствено претседателот на испитната комисија и испитувачот по практичен дел.
Со измените се предвидува на граѓаните коишто се имаат стекнато со потврда за положен возачки испит за категориите АМ, А2 и Т до 1 јануари 2019 година и на граѓаните кои ќе положат возачки испит за категориите АМ, А2 и Т до 1 јануари 2022 година, Министерството за внатрешни работи им издава потврда за положен возачки испит со право за управување возило во сообраќајот, со важност до 1 јануари 2022 година.
Исто така, со измените се предвидува возачките дозволи и возачките книшки кои го содржат натписот Република Македонија издадени до денот на отпочнување на примената на овој закон, да важат до рокот на важење кој е наведен во возачката дозвола, но не подолго од 12 февруари 2024 година“, се вели во законското образложение.
М.В