Предложени законските измени за зголемување на давачката за увоз на нафтените деривати
„Енергетскиот сектор претставува еден од клучните извори на загадување на животната средина, а посебно во однос на нарушувањето на квалитетот на амбиенталниот воздух и емисијата на стакленички гасови. Врз основа на начелото ‘загадувачот плаќа’, државите во светот, а посебно во ЕУ воведуваат различни давачки за правните и физичките лица, со кои се стимулира користењето на поеколошки енергенси, но и се прибираат средства за реставрација на екосистемите и ремедијација на различните медиуми на животната средина.
Во Република Северна Македонија надоместоците за загадување на животната средина се уредуваат во Законот за животната средина, при што се воведени различни надоместоци за увоз на загадувачки суровини и производи, отпадни производи, како и за производство или употреба на определени производи и активности кои ја нарушуваат состојбата на животната средина.
Надоместоците за увоз или производство на нафтените деривати се уредени во членот 184 од законот, при што актуелната давачка е несразмерно ниска во споредба со негативните ефекти кои се причинуваат со нивното користење, а истовремено буџетските средства за преземање на мерки за заштита и реставрирање на животната средина се недоволни. Од тие причини, а врз основа на Заклучокот на Владата донесен на 81-та седница одржана на 22.6.2021 година, Министерството за животна средина и просторно планирање пристапи кон измена на Законот за животна средина и зголемување на давачката за увоз на нафтените деривати во земјата“, се вели во предложените измени на Законот за животната средина, кои се во собраниска процедура.
М.В