/ Прочитано:

2.051

Предложените законски измени за укинување на екстерното тестирање

Екстерното тестирање во основните и средните училишта донесе штетни последици и потребно е негово укинување, се вели во предложените законски измени за укинување на екстерното тестирање поднесено од група пратеници кои припаѓаат на парламентарното мнозинство.

„Целта на предлогот на Законот е екстерното тестирање целосно да се укине поради штетните последици кои ги предизвика во изминатите неколку години. Со овие измени се укинува екстерното тестирање како проект што предизвика најголем револт кај наставниците, како и кај децата и нивните родители. Со овој проект се девалвираат целиот напор и труд на наставниците. Измените се засноваат врз уставните начела, како и истите начела врз кои се заснова Законот за средното образование. Предвидените решенија со законот чиешто донесување се предлага се во насока на создавање услови за еднаквост на наставниците во извршување на нивната професија, како и заштита на образовниот процес на учениците од лошите законски решенија“, се вели во Предлог-законот за изменување на Законот за средното образование, по скратена постапка.

„Во 2013 година Министерството за образование започна со реализација на проектот ‘Екстерно тестирање’. Овој проект беше најавуван како алатка која ќе го подигне квалитетот на образованието. Целта беше ‘да се оцени знаењето’ на децата во согласност со наставната програма, како и ‘да се проверат’ оценките што наставниците ги даваат во текот на училишната година. Овие две цели требаше да се остварат преку една масовна и екстензивна операција на полагање на децата во основното (од четврто одделение нагоре) и средното образование во текот на јуни на крајот на второто полугодие. Тестот се состои од 30 прашања (еклектички избор на комисија) на кои децата треба да одговорат електронски (на компјутер) и за кои децата требаше да се подготват за два-три дена од соопштувањето на двата предмета по кои ќе се полага. Веќе се спроведени 4 циклуси на тестирања од 2013 до 2016 година. Истовремено, тестирањето оваа година (2017) веќе ги опфати и матурантите, кои мораа поради матурскиот испит, како и претходно, екстерното да го полагаат на почетокот на февруари. Од екстерното тестирање ‘се спасија’ само студентите преку масовните студентски протести, кога Министерството за образование најави дека се подготвува екстерно тестирање (државен испит) и за високото образование.“

Како и во предложените измени на Законот за средното образование, и во образложението на Предлог – законот за изменување на Законот за основното образованиеукинување   се вели дека со измените се бара укинување на екстерното тестирање, бидејќи неколкугодишното спроведување на екстерното тестирање покажа дека наместо да го подобри квалитетот на образованието, состојбите во образованието само се влошија.

Причините за укинување на екстерното тестирање, се вели во предложените законски измени, се многубројни. Огромен дел од стручната јавност, но и директните учесници во образовниот процес, пред сè наставниците, по овие неколку тестирања ги искажаа своите ставови и критики за екстерното тестирање. Екстерното тестирање како механизам за оценување донесе само стресови и фрустрации во целиот наставен процес.

„Не само што тестирањето технички беше проследено со многу нерегуларности и неточности, туку стотици луѓе од администрацијата се ангажираа за да се спроведе нешто што малку може да се измери. Политиката, пак, влезе во образованието преку влијанието што оценката на екстерното тестирање го доби во реален контекст. Оценката на тестирањето законски влезе во свидетелствата на децата и влијаеше врз нивниот среден успех. Тоа значеше дека една бирократска операција го ‘контролира’ успехот на децата. Апсурдот беше што во свидетелствата на децата се пишуваа и единици, како оценки кои законски не се преодни“, се вели во законските образложенија.

Но, најголеми контроверзии, се додава во законските образложенија, екстерното тестирање донесе во кариерата на наставниците. Доколку оценката на детето по некој предмет во голема мера се разликува од оценката на наставникот (за една или за две оценки), наставникот влегува на „црн список“ и ако тоа се случи две години по ред, тогаш наставникот ќе го загуби своето работно место.

„Директорот на училиштето ќе му даде отказ, поради незадоволителни резултати од работењето. Овој чин ја прелеа чашата и покажа дека некој од власта сака ‘да владее’ со наставниот процес, но најмногу со наставниците. Заканите за парични казни и намалувањето на платата беа, исто така, дел од процесот, веројатно како казнено-воспитна мерка за ‘послабите’ наставници“, се вели во предложените законски измени.

Покрај предложените законски измени за укинување на екстерното тестирање, пратениците од парламентарното мнозинство  предлагаат и укинување на одредби од  Законот за наставници во основните и средните училишта, по скратена постапка. И овие измени се предлага да се донесат по скратена постапка и во нив се вели дека предвидените решенија со законот чиешто донесување се предлага се во насока на создавање услови за еднаквост на наставниците во извршување на нивната професија, како и заштита на образовниот процес на учениците од лошите законски решенија.

M.B