/ Прочитано:

480

Предложените законски одредби за дејноста итна помош на приватните здравствени установи

Во предложените измени на Законот за здравствена заштита кои се во собраниска процедура и за кои има амандманска расправа, меѓудругото, се менуваат и одредби кои се однесуваат на здравствената дејност која се врши само во рамките во мрежата на здравствените установи. За овие измени пратениците од Левица поднесоа 1200 амандмани.

Јавното здравје, истакнаа пратениците, е национален интерес. Министерот за здрравство се обидува да ја приватизира брзата помош и трансплантацијата на органи. Ова, соопштија од Левица, е недозволиво да се случува во скратена постапка.  Јавното здравје го третираме како национален интерес и нема да дозволиме да поминат овие штетни измени.

Според владејачкото мнозинтво пак, целта на законските измени не е Брзата помош да се приватизира, туку дека целта е повеќе амбулатни возила да се стават на располагање на граѓаните, односно да се стави во законска рамка итната помош на приватните болници.

Во постоечкото законско решение во членот 29 „Здравствената дејност која се врши само во рамките на мрежата“ се пропишува:

Член 29

(1) Здравствена дејност и делови од здравствената дејност кои се вршат само во рамки на мрежата, освен доколку со закон поинаку не е предвидено, се:

1) здравствена дејност на терцијарно ниво;

2) дејност на снабдување со крв и крвни компоненти;

3) постапки на биомедицински потпомогнато оплодување;

4) постапки на земање и чување на полови клетки;

5) дејност на земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување;

6) дејност на итна медицинска и стоматолошка помош и домашно лекување;

7) преглед на умрени лица;

8) здравствени услуги во врска со здравјето и безбедноста при работа;

9) здравствени услуги во врска со безбедноста во сообраќајот;

10) здравствени услуги во врска со утврдувањето на здравствената способност за поседување и носење на оружје, согласно со посебни прописи;

11) дејност на судска медицина;

12) патоанатомска дејност;

13) здравствена дејност во областа на јавното здравје;

14) превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца,

15) поливалентна патронажа;

16) здравствени услуги за утврдување на здравствената состојба во постапки за остварување на права од областа на пензиското, инвалидското и здравственото осигурување;

17) дејност на болници за нега и

18) стоматолошка здравствена заштита на деца до 14 години.

(2) Дејностите од ставот (1) точки 1, 2, 4, 5, 6, 10, 11, 13, 14, 15 и 16 на овој член можат да ги вршат само јавните здравствени установи, освен доколку со закон поинаку не е предвидено.

Со предложеното законско решение во членот 3 се пропишува дека  во ставот (2), зборовите „5“ и „6“ се бришат, односно дејноста на итна медицинска и стоматолошка помош и домашно лекување нема да биде само можност на јавните здравствени установи туку, како што се образложува во Предлог-законот:

 „Со членот 3 се создаваат можности во рамки на мрежата на здравствени установи, дејноста на итна медицинска и стоматолошка помош и домашно лекување, како и земање и пресадување на делови од човековото тело заради лекување, да ја вршат и приватни здравствени установи, покрај јавните здравствени установи, со цел да воспостави поефективен систем на итна медицинска помош, како и да се усогласи ЗЗЗ со Законот за земање и пресадување на делови од човековото тело заради лекување“

Измените на Законот за здравствената заштита пред пратениците

Што се предвидува со измените на Законот за здравствена заштита

Утврдени измените на Законот за здравствена заштита

М.В