Предложено дополнување на Законот за правда за децата по скратена постапка

Група пратеници во Собранието предложија дополнување на Законот за правда за децата по скратена постапка

Со законското дополнување се предлага определување обврска на градоначалниците на општините, градоначалниците на општините во Градот Скопје и градоначалникот на Град Скопје да им предложат на советите на општината, советите на општините во Градот Скопје и Советот на Град Скопје да именуваат совет за детско престапништво.

Исто така, во предложеното законско решение се предвидува прекршочна санкција и  глоба во износ од 300 евра до 500 евра доколку градоначалникот на општините, градоначалниците на општините во Градот Скопје и Град Скопје не ја исполнат законската обврска во врска со именувањето совет за детско престапништво.

„Согласно Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво во 2017 година, доставен до Собрание на Република Македонија, заведен под архивски број 08-5848/1 од 10.10.2018 година,  произлезе потребата од дополнување на Законот за правда за децата.

Имено во Годишниот извештај Државниот совет посочува на фактот дека од вкупниот број 85, односно 80,2% од општините во Република Македонија, 69 општини досега не ја исполниле законската обврска за формирање на општински совети за превенција на детското престапништво, како и дека  веќе формираните во 2017 година не функционираат.

Оттука сметаме дека Предлог-законот за дополнување на Законот за правда за децата е од особено значење за да се задолжат градоначалниците на општините и Градот Скопје за итно постапување по него, а сè со цел превенција на детското престапништво и подобрување на правата на децата.

Со донесувањето на овој предлог-закон ќе се овозможи зајакнување на соработката на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво со локалната самоуправа со цел креирање на превентивни активности“, образложуваат пратениците.

М.В