/ Прочитано:

1.279

Предлозите на Трајанов за измени и дополнувања на Законот за СЈО и на Законот за заштита на сведоци поднесени до Собранието

Законите сè уште не се ставени на дневен ред. Пред една недела Собранието не ги усвои измените и дополнувањата предложени по скратена постапка од страна на група пратеници.

Собрание на РМ, закони за СЈО

Пратеникот од Демократскиот сојуз Павле Трајанов до Собранието ги поднесе предлозите за измени на законите што ги бара Специјалното јавно обвинителство во редовна постапка.

Трајанов предлага измени на Законот за СЈО и измена и дополнување на Законот за заштита на сведоци.

Во Предлог-законот за изменување на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се предлага промена на членот 22, кој треба да гласи:

„Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство за незаконско следење на комуникациите ја завршува истражната постапка кога ќе оцени дека состојбата на работите е доволно разјаснета за да може да подигне обвинение или да се запре истражната постапка, односно во рок од 12 месеци од денот на донесување на наредбата за спроведување  на истрага.

Ако истражната постапка не заврши во рок од 12 месеци од денот на донесување на наредбата за спроведување на истрага, Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство за незаконско следење на комуникациите е должен за тоа да го извести Јавниот обвинител на Република Македонија, кој може тој рок да го продолжи за уште шест месеци.”

Сега овој член гласи:

„Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност“, односно Обвинителството со кое раководи Катица Јанева има уште неколку месеци за да ги поднесе сите обвиненија кои произлегуваат од материјалите што ги доби на крајот на декември 2015 година.

„Со предложениот текст на Предлог-законот за изменување на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, ќе се создадат услови за непречено работење на ова Јавно обвинителство  со тоа што се воведуваат разумни рокови  во кои може да се спроведат целосни и објективни истраги за предметите кои  произлегуваат од незаконски следените комуникации“, се наведува во Предлогот.

Трајанов до Собранието го достави и Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за заштита на сведоци, во кој се предлага:

„За случаи опфатени со Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (Службен весник на Република Македонија, бр. 159/15) одлука за вклучување во Програмата од член 15 од овој закон донесува јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Одлуката од ставот 1 на овој член, јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ја донесува врз основа на писмено барање за вклучување во Програмата доставено од сведокот, Министерството за внатрешни работи, надлежниот јавен обвинител или судијата кој постапува по конкретниот предмет.

Барање за вклучување во Програмата од ставот 2 на овој член може да поднесе и лице кое поради можната опасност да биде изложено на заплашување, закана со одмазда или опасност по животот, здравјето, слободата, физичкиот интегритет или имот од поголем обем, не се согласува во својство на сведок да даде исказ во кривичната постапка, за што јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ќе побара од надлежниот јавен обвинител кој постапува по предметот да му ги достави податоците од членот 16 на овој закон.“

Законите сè уште не се ставени на дневен ред. Пред една недела Собранието не ги усвои измените и дополнувањата предложени по скратена постапка од страна на група пратеници.