/ Прочитано:

1.747

Предлозите за измени на законите за СЈО и за заштита на сведоци не поминаа во Собранието

„Специјалното јавно обвинителство работи според Законот за СЈО, но исто така во тој закон е наведено дека ова обвинителство треба да постапува во согласност со сите системски закони кои ја тангираат работата на ЈОРМ и другите процесни закони, како и Кривичниот законик, така што третманот на СЈО треба да биде ист. Не гледаме причина да навлегуваме во вакви работи кои би ставиле одредена институција во повластена положба во однос на другите институции“, рече Димовски.

Собрание на РМ, закони за СЈО

Со 36 гласа „за“ и 54 гласа „против“ пратениците не го поддржаа Предлог-законот за изменување на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, додека со 42 „за“ и со 52 гласа „против“ не помина ниту Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци.

Измените беа предложени од пратеничката група на СДСМ, кои ја поддржаа иницијативата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за промени во законите со кои ќе се продолжи мандатот на СЈО и ќе му се даде автономија на јавниот обвинител од ова обвинителство во постапувањето со заштитените сведоци.

По завршувањето на седницата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, истакна дека тие како партија нема никогаш во иднина да прифатат каква било привилегирана положба на Специјалното јавно обвинителство.

„Специјалното јавно обвинителство работи според Законот за СЈО, но исто така во тој закон е наведено дека ова обвинителство треба да постапува во согласност со сите системски закони кои ја тангираат работата на ЈОРМ и другите процесни закони, како и Кривичниот законик, така што третманот на СЈО треба да биде ист. Не гледаме причина да навлегуваме во вакви работи кои би ставиле одредена институција во повластена положба во однос на другите институции“, рече Димовски.

Ако работат професионално, ако работат според законот и ако работат врз основа на докази, според Димовски, СЈО не би требало да има никаков проблем како што немаат никаков проблем ниту останатите институции кои ги почитуваат постоечките закони.

И да биде започната каква било постапка за измена на некој од постоечките закони или на Законот за СЈО, сите треба да имаат предвид дека Специјалното јавно обвинителство беше формирано врз основа на политички договор помеѓу најголемите политички партии и секоја измена треба да биде, исто така, производ на договор помеѓу политичките партии, вели Димовски.

При образложението на Предлог-измените на Законот за СЈО пратеникот на СДСМ Петре Шилегов истакна дека тие се потребни поради непречено функционирање на СЈО.

Собрание на РМ, закони за СЈО

„Овие измени се во согласност со правната пракса во Република Македонија воспоставена при формирањето на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Бидејќи ова обвинителство има посебна улога, исто како и СЈО, не може да постои правна колизија доколку решенијата од Законот за Обвинителството за организиран криминал се пресликаат во Законот за СЈО“, рече Шилегов.

Во поглед на рокот за поднесување на обвиненија и рокот на траење на обвинителството според Шилегов постои правен конфликт бидејќи дел од делата кои ги истражува обвинителството не застаруваат до 10 години, а работата на обвинителството е пократка и од должината на траење на застареноста на кривичните дела.

За Законот за заштита на сведоци Шилегов истакна дека е потребен бидејќи специјалните јавни обвинители треба да имаат автономија при постапувањето со заштитени сведоци, пракса која важи за сите останати обвинители.

Законите беа предложени во скратена постапка и за нив немаше никаква дискусија на седницата.

М. С.