/ Прочитано:

4.225

Предлозите за промени на наследноправното законодавство уредено во Граѓанскиот законик на РМ

Комисијата за изработка на Граѓанскиот закон на Република Македонија предвиде поголем број промени во македонското наследноправно законодавство, кое ќе биде уредено во Книга 4 (наследноправни односи) на Граѓанскиот закон на Република Македонија.

Како што се истакна на семинарот „Граѓанскиот законик и реформата во македонското наследно право“, во организација на Институтот за правно-економски истражувања и едукација „Јуридика Прима“, Комисијата за подготовка на Граѓанскиот законик подготвила значајни реформи на наследноправното законодавство кои се однесуваат на воведување и детално регулирање на договорот за наследување, предвидување на правото на законско наследување на постхумно зачнатото дете, воведување на можноста вонбрачните партнери да се јават како законски наследници, менување на правната природа на правото на нужен дел и предвидување тој да има облигационоправна природа, воведување на нотарскиот тестамент, востановување на регистарот на тестаменти, предвидување исклучива надлежност на нотарите во сферата на наследноправните договори и др.

Понатаму, во насока на реформата на наследноправното законодавство, позначајни предлози на кои упатуваат професорите  д-р Дејан Мицковиќ и д-р Ангел Ристов,  се следниве:

1) да се дефинира законското наследување и да се определи во кои ситуации тоа се применува;

2) да се предвиди одредба дека може да се наследува истовремено и врз основа на закон и врз основа на тестамент;

3) да се дефинираат сродството, линиите и степените на сродство, кои претставуваат основа за повикување на наследството;

4) да се воведе договорот за наследување помеѓу брачните партнери како основ за наследување, покрај тестаментот и законот;

5) да се регулираат случаите на истовремена смрт на повеќе лица кои меѓусебно може да се наследуваат – комориенти;

6) да се дефинираат оставината и нејзиниот состав;

7) да се предвиди задолжително издвојување на делот на надживеаниот брачен партнер од оставината;

8) да се предвиди посебен режим на наследување за земјоделското земјиште и фармите, земјишните парцели, акциите и уделите во друштвата, како и да се предвидат правила за наследување на семеен бизнис;

9) да се уреди законското наследување на вонбрачните партнери;

10) да се предвиди право на плодоуживање на заедничкиот дом на брачниот партнер во вториот законски наследен ред;

11) подробно да се уреди правото на претставување и да се предвиди во кои случаи тоа се применува;

12) да се предвиди начелото на исклучивост (приоритет на степени и наследни редови)

13) да се уреди правото на нужен дел како облигационо право;

14) да се воведат субјективни критериуми за нужните наследници од првиот наследен ред;

15) да се предвиди рок од три години за враќање на подароците;

16) да се дефинира поимот на тестаментот;

17) да се предвиди задолжително наведување на основот за исклучување од наследство;

18) да се предвидат промени во регулирањето на своерачниот тестамент;

19) подробно да се уредат нотарскиот и тајниот тестамент;

20) да се востанови регистар на тестаменти;

21) да се регулираат наследноправните договори во делот на Граѓанскиот законик во кој се уредуваат наследноправните односи;

23) да се предвидат измени во уредувањето на договорот за доживотна издршка;

24) подробно да се предвидат решенија за поголема заштита на правата на доверителите од оставината (јавна покана за пријавување на побарувањата, рок за пријавување на долговите, приоритет во исплатата на долговите, побивање на негативната наследничка изјава);

24) попрецизно да се уредат одредбите за прифаќање и откажување од наследство;

25) да се предвиди законски рок за откажување од наследство;

26) да се дефинираат поимите легат, прелегат и сублегат.

НАДМИНУВАЊЕ НА ПРАВНАТА НЕСИГУРНОСТ ВО НАСЛЕДУВАЊЕТО: Стручната јавност за Граѓанскиот законик и реформата во македонското наследно право

М.В