/ Прочитано:

1.709

ПРЕДМЕТ „ЕРАЗМУС“: Побарана забрана за вршење работни активности за осомничените од Економскиот факултет

Од Обвинителството наведуваат дека мерките се побарани поради тоа што обвинетите продолжуваат да ги извршуваат своите работни активности во рамките на Економскиот факултет и се во секојдневен контакт со студенти, а со тоа и со оштетените и жртвите во кривичната постапка што се води.

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

За шестмина осомничени во предметот „Еразмус“, Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое го води предметот, побарало определување на нови мерки за претпазливост. Во предметот „Еразмус“ беа опфатени осум лица, од кои шестмина професори од Економскиот факултет во Скопје, еден асистент и сопственикот на бифето во Факултетот.

„Имено, со цел да превенира состојби што можат да го попречат нормалното водење на кривичната постапка и за кои смета дека во овој момент од постапката се оправдани, јавниот обвинител оцени дека покрај веќе изречените мерки на претпазливост има потреба од изрекување на мерката на претпазливост од чл. 146 ст. 1 т. 7 – забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, со времетраење до правосилно окончување на кривичната постапка“, се наведува во соопштението на Обвинителството.

Од Обвинителството наведуваат дека мерките се побарани поради тоа што обвинетите продолжуваат да ги извршуваат своите работни активности во рамките на Економскиот факултет и се во секојдневен контакт со студенти, а со тоа и со оштетените и жртвите во кривичната постапка што се води.

„Со оглед на тоа што кривичните дела за кои се води постапка се поврзани како со извршувањето на нивните работни активности, така и со студентите и со меѓусебната комуникација на факултетот, јавниот обвинител цени дека со судска одлука на обвинетите треба да им се забрани да ги извршуваат работните активности до правосилното завршување на постапката“, велат од Обвинителството.

Истражната постапка започна во јуни, кога беа осомничени шестемина професори меѓу кои и поранешниот декан на Економскиот факултет Бобек Шуклев, еден асистент од Факултетот и сопственикот на бифето. Тогаш судот на петмина осомничени им определи мерки за претпазливост обврска повремено да се јавуваат на определено службено лице и кај надлежен државен орган и им беа одземени патните исправи за преминување на државната граница.​ Денеска од Обвинитеството не сакаа да наведат за кои лица се побарани новите мерки.

Според информации од Обвинителството, групата од осум лица дејствувала организирано и била следена со посебни истражни мерки во текот на 2015 и 2016 година. Коруптивните дела за кои постоело сомневање дека се одвиваат на Економскиот факултет се сложени, се одвивале тајно поради што Обвинителството спровело посебни истражни мерки, но, како што тогаш потенцираше обвинителката Лидија Раичевиќ, која го води предметот, покрај ПИМ постојат и голем број други докази.

Кривичната пријава се однесува на повеќе кривични дела: примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание и давање поткуп.

М. С.

ОБВИНИТЕЛСТВО: Досега на Економскиот факултет е документиран поткуп од вкупно 2 800 евра