/ Прочитано:

2.397

Предупредувања за нови масовни сајбер напади во светот

Експертите по информатички технологии и властите ширум светот денеска упатија порака до организациите и компаниите веднаш да ги апдејтираат своите оперативни системи, со цел да ја избегнат уште помоќната верзија на ренсомверот, односно вирусот што го блокира компјутерот и не дозволува негово користење. Тие потенцираат дека вирусот што го нарекуваат „Wanna Decryptor“, „WCry“ и „Wanna Cry“ може да биде надграден и далеку пософистициран, додавајќи дека штетните последици би имале несогледливи размери.

Сајбер нападите со (ренсомвер) софтвер, односно вирус што го блокира компјутерот и не дозволува негово користење, додека на хакерите не им се исплати бараната сума од 300 долари во виртуелната валута биткоин, денеска кога луѓето ќе се вратат на работните места и кога ќе ги вклучат комјутерите, би можеле да ескалираат и да предизвикаат уште поголем хаос од оној што се случи во петокот вечерта, предупредуваат експертите по информатички технологии.

Властите во светот, односно во повеќе од 150 држави кои беа цел на сајбер нападите, во текот на изминативе два дена, се обидуваа да влезат во трага на хакерите што предизвикаа огромни штети во работењето на многу институции, како што е целосното блокирање на здравствениот систем на Велика Британија, фабрики, големи корпорации, училишта и така натаму.

Експертите по информатички технологии и властите ширум светот денеска упатија порака до организациите и компаниите веднаш да ги апдејтираат своите оперативни системи, со цел да ја избегнат уште помоќната верзија на ренсомверот.

Тие потенцираат дека вирусот што го нарекуваат „Wanna Decryptor“, „WCry“ и „Wanna Cry“ може да биде надграден и далеку пософистициран, додавајќи дека штетните последици би имале несогледливи размери.

Во меѓувреме, компанијата „Мајкрософт“ ја обвини американската Влада дека чува софтверски кодови кои можат да бидат користени од хакери. 

Претседателот на „Мајкрософт“, Брад Смит, го потврди заклучокот до кој веќе дојдоа многу истражувачи дека за последниот масовен хакерски напад е користен инструмент создаден од американската Агенција за национална безбедност, што бил пуштен на интернет во април. 

Смит, исто така, го покрена и прашањето за тоа како разузнавачките служби да постигнат баланс меѓу желбата да ги држат во тајност софтверските пропусти, да извршуваат шпионажа, да водат сајбер војна и да ги споделуваат овие пропусти со технолошките компании, заради подобра безбедност на интернет. 

„Овие напади се пример за тоа дека криењето на пропустите од страна на владите е, всушност, огромен проблем. Владите во светот би требало да ги сфатат овие напади како ‘повик за будење’ и да размислуваат за штетите врз цивилното население, што произлегуваат од криењето на пропустите“, изјави Смит. 

За овој напад се верува дека е досега најголемата шема за изнудување пари преку интернет, а  според оценките на Европол, владите се немоќни да се спротивстават. Досега има повеќе од 200.000 жртви, а во следен ваков напад, според оценките на експертите, бројот би можел да биде тројно поголем.

Во борба против хакерите се вклучени голем број агенции за интернет безбедност, а анонимен истражувач за сајбер безбедност за „Асошиејтед прес“ изјави дека успеал да го пронајде „прекинувачот“ кој може да го спречи понатамошното ширење на вирусот, но дека не може да помогне на веќе инфицираните компјутери.

Овој истражувач на својот профил на „Твитер“ @MalwareTechBlog веќе напиша дека луѓето треба да ги апдејтираат своите системи што поскоро, за да избегнат нов напад, но додава: „Кризата не е готова, хакерите во секој момент може да го променат кодот и да се обидат повторно“.

А. Б.