/Прочитано:

1.397

ПРЕГЛЕД НА НАБЉУДУВАНИ СУДСКИ ПОСТАПКИ ЗА НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИ: Загрижува податокот дека биле изречени дури 4 условни осуди

Проектот на УСАИД за правна заштита на жените, во периодот од март 2015 до октомври 2016 година, набљудуваше 201 предмет, односно 514 судски рочишта поврзани со насилство врз жени во следните судови: Основниот суд Скопје 1, Основниот суд Скопје 2, Основниот суд Штип, Основниот суд Куманово, Битола, Тетово, Струмица, Прилеп, Велес и Основниот суд Струга, велат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

akad 2

Мониторирани кривични предмети за семејно насилство

Од мониторираните судски предмети за семејно насилство (192), повеќе од две третини се однесуваат на кривични дела при семејно насилство (136), од кои најголем број се однесуваат на физичко насилство (97 предмети), односно загрозување на животот и физичкиот интегритет на жртвата, и тоа 17 дела убиство како резултат на семејно насилство, 12 дела за тешка телесна повреда и 68 дела за телесна повреда.

За овие кривични дела донесени се 27 пресуди, од кои само во 11 се изречени предвидените затворски казни за сторителите на семејно насилство. Имено, за кривичното дело „убиство“ изречени се вкупно 4 пресуди, сите со казна затвор. За кривичното дело „тешка телесна повреда“ донесени се вкупно 6 пресуди. Загрижувачки е податокот дека биле изречени дури 4 условни осуди и донесена е една ослободителна пресуда. Само кај едно кривично дело е изречена предвидената затворска казна. За кривичното дело „телесна повреда“ донесени се вкупно 17 пресуди, од кои 10 условни, 6 затворски казни и една судска опомена.

Според податоците, помал дел од кривичните дела се однесуваат на психолошкото насилство (36), односно повреда на психичкиот интегритет на жртвите, и тоа 35 кривични дела за загрозување на сигурноста и 1 кривично дело за противправно лишување од слобода.

За овие кривични дела донесени се 10 пресуди кои се однесуваат на делото „загрозување на сигурноста“, од кои само во 4 е изречена предвидената казна затвор. Во 5 од предметите била изречена условна осуда, а во еден предмет изречена е парична казна.

Мониторирани граѓански предмети за семејно насилство

Бројот на граѓански постапки за заштита од семејно насилство е за два пати помал од бројот на иницирани кривични постапки против сторителите на семејно насилство (56 граѓански, наспроти 136 кривични предмети поврзани со семејно насилство).

Мониторирани се вкупно 56 предмети за изрекување привремени мерки за заштита од семејно насилство (ПМЗ),  од кои 12 се сè уште активни предмети. Од оние предмети кои биле завршени, во 39 предмети предлогот за изрекување на ПМЗ е усвоен во целост, во три предмети бил делумно усвоен, додека во два предмети предлогот за изрекување на привремени мерки за заштита бил одбиен. Во најголем број од  случаите  подносител е Центарот за социјална работа – ЦСР (37).

Во значително помал дел подносители се: брачен/вонбрачен другар (6), родител (6), поранешен брачен другар (3), полициски службеник (3) и дете (1). Во најголем дел од случаите жртви се жените.  Постапката во 34 предмети е завршена во законски рок.

Во врска со сексуалното насилство, мониторирани се 4 предмети за кривично дело „силување“, за кои постапката е во тек, а во однос на трговија со луѓе – мониторирани се 8 предмети на трговија со луѓе.  За 4 од предметите донесени се пресуди, од кои затворски казни во три од предметите, а во еден е донесена условна осуда. Седум од предметите се однесуваат на трговија со луѓе, додека еден предмет е за трговија со дете.

Проектот на УСАИД за правна заштита на жените го спроведува Здружението ЕСЕ, во партнерство со Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници и Отворена порта (ЛА СТРАДА). Во делот на собирање на податоци од основните судови воспоставена е соработка со коалицијата Сите за правично судење. Основна цел на проектот е подигање на степенот на правна заштита за жените жртви на насилство.

МЕЃУНАРОДЕН ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ: Стоп за насилството, дискриминацијата, мобингот, помалите плати

М.В

 

Погледнете и ..